Шведската поп ѕвезда Лорин е победничката на 67. Евровизија во Ливерпул, со што стана само втор изведувач кој двапати славел на ова натпреварување. Нејзината песна „Тетоважа“ собра вкупно 583 поени, 57 повеќе од „Ча ча ча“ на финскиот претставник Керије, кој, пак, освои најмногу гласови од публиката. На третото место заврши Израел со 362 поени.
Големата фаворитка Лорин, која славеше и во 2012, се израмни со Џони Логан, кој ѝ донесе победа на Ирска во 1980 и 1987 година.
„Ова е премногу за мене. И во моите најлуди сништа не мислев дека ова може да се случи“, изјави 39-годишната Лорин.
Нејзината победа значи дека Шведска ќе биде домаќин на следната Евровизија, што ќе се совпадне со 50-годишнината од победата на „АББА“ со песната „Ватерло“.
На последното место заврши Германија, зад Велика Британија и Србија.