Британскиот весник „Гардијан“ пишува за српскиот претседател Александар Вучиќ и државната мерка за разоружување што беше донесена по два трагични настани во земјата. Неодамна „Њујорк тајмс“ објави текст за врските меѓу мафијашкиот клан на Беливук и државниот врв во Србија, а денеска за тоа пишува и британски „Гардијан“.
„Српскиот претседател Александар Вучиќ е про-Кремљ авторитарец кои ги има своите корени во екстремниот десничарски национализам како министер за информатика во владата на воениот злосторник Слободан Милошевиќ“.
Вака го опишува британски „Гардијан“ српскиот лидер во напис за големата акција за собирање оружје во земјата по двата масакри кои го завија регионот во црно.
„Гардијан“ пишува дека Вучиќ ги осудил масакрите како „напад врз целата наша земја“, но дека во „длабоко поделената нација преплавена со смртоносно оружје, каде се величаат воените злосторници, реалните ТВ-шоуа и каде луѓето сè уште се преокупирани со трагичните настани што се случија неодамна, многумина се сомневаат дали ветувањето на претседателот за разоружување на земјата ќе биде доволно“.
Србите предале повеќе од 13.500 парчиња оружје, потсетува „Гардијан“.
Вучиќ доби одредени пофалби, особено во странство, за овој потег, при што некои коментираат дека неговата одлучност е во спротивност со очигледната неспособност на САД да се справат со оруженото насилство.
Но, додека нивниот претседател вети „строг одговор, итни мерки и строги казни“ за спречување на криминалот, многу Срби се прашуваа што друго се крие зад тоа – и колку Вучиќ можеше да придонесе за прекумерното насилство во земјата, во нејзината политика и на телевизија, според „Гардијан“.
Некои ги поддржуваат владините мерки. „Има премногу насилство. Не знам како досега не се занимаваа со оваа проблематика“, вели Иван Петровиќ, пензионер. Но, другите не се сигурни. „Не знам што да мислам. Имам дете и не се чувствувам безбедно“, изјави Весна Драгишиќ.
„Гардијан“ потсетува дека илјадници луѓе во петокот излегоа на улиците на Белград на вториот протестен митинг „Србија против насилството“ предводен од опозицијата, барајќи оставка од министерот за внатрешни работи и крај на она што многумина го гледаат како култура на насилство што се пропагира од страна на медиумите и политичарите на владејачката партија.
Вучиќ ги обвини своите противници дека се обидуваат да ги искористат трагедиите за политички цели и најави планови за свој митинг на крајот на мај. Тој во неделата изјави дека „наскоро“ ќе поднесе оставка како лидер на Српската напредна партија, ветувајќи нови парламентарни избори пред крајот на септември, пишува „Гардијан“.
Никој не знае колку оружје има во Србија. „Имаме дезинформации од Владата. Но, проценките за вкупниот број на легално и нелегално оружје се движат од 1,5 до 3 милиони. Страшно е“, смета Маја Бјелош, истражувач во белградскиот Центар за безбедносна политика.
Таа вели дека оружјето што останало од југословенските војни во 1990-тите претставува само дел од арсеналот. „Постои традиција на огнено оружје во куќата, пренесена од колено на колено, на пукање во воздух за време на веселбите“, рече таа.
Репресивните мерки нема да помогнат, рече Бјелош: „Србија има меѓу најголем број полицајци по глава на жител во Европа, но тоа не ги натера граѓаните да се чувствуваат побезбедни или да го реши проблемот со насилството“, пишува „Гардијан“.
Весникот потсетува дека и покрај лесен пристап до оружје, масовните пукања во Србија беа ретки пред овој месец, последното во 2013 година. Но, во услови на тешкотии, наследството од војната, ендемската корупција и високите нивоа на насилство во општеството, политиката и медиумите, експертите долго време предупредуваат дека присуството на толку многу оружје е закана.
Вучиќ и неговата владејачка партија редовно ги омаловажуваат своите политички противници и странски ривали користејќи ги термините „ѓубриња“, „крадец“, додека на седниците на парламентот доминираат груби и агресивни навреди.
„Оружјето со кое се убиваат децата е исполнето со зло веќе една деценија. Нема да нѐ излечи дури и да се одземе целото оружје и сите социопати да бидат ставени зад решетки, сè додека нашата судбина ја обликува тој што го отклучил и јавна злото“, напиша на Твитер опозицискиот лидер, Здравко Понош.
„Гардијан“ наведува и петиција потпишана од 450.000 луѓе со која се бара две провладини телевизиски станици да ги изгубат дозволите за емитување.
Мафијашите, воените злосторници и познатите насилни фудбалски хулигани редовно се појавуваат во сцени со тепање сопруга и закани со оружје, заедно со политичките програми во кои Вучиќ и неговите сојузници вршат харанга против нивните противници.
„Во Србија постои ‘популистичка индустрија’ која е дизајнирана да го промовира Вучиќ и да ги оцрни неговите противници“, рече Зоран Гавриловиќ, социолог на Бирото за општествени истражувања. „Насилството на реалното шоу служи за легитимирање на агресивниот политички речник. Говорот на омраза од страна на главните општествени и политички актери во Србија и преку нејзините главни медиуми, стана јазик број еден во земјата“.
Откако Вучиќ дојде на власт, Србија падна од 54-то на 93-то од 180 земји во светскиот индекс на слободата на медиумите на Репортери без граници. Независните медиуми постепено се истиснуваат, а новинарите се напаѓани, пишува „Гардијан“.
„Гардијан“ во својот текст се повикува на извештајот на Европскиот парламент во кој меѓу другото се наведени и пречките за прием на Србија во Европската унија.
Виола фон Крамон, европратеничка и известувач за Косово, вели дека клучните прашања се владеењето на правото, слободата на медиумите и односите со Косово и Москва. „Србија треба јасно да покаже дека сака да се приклучи на ЕУ“, рече таа. Помина времето на „седење на две столчиња“ и балансирање меѓу Западот и Русија.
Клемен Грошељ, словенечки европратеник, го истакна недостатокот на напредок во однос на независно судство и медиуми кои „не се независни или објективни“.