Претседателот Стево Пендаровски денеска во Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов” – Скопје се обрати на настан во рамки на програмата „Супер училишта”, а на кој присуствуваа ученици и претставници од училиштето за слепи и слабовидни во Сараево, Босна и Херцеговина.
Програмата е дел од мултидонаторскиот проект „Шема за размена на училишта за Западен Балкан”, кофинансиран од Европската Унија и германското Сојузно Министерство за економска соработка и развој и имплементиран од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) заедно со Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО).
Во рамките на проектот се реализираат активности со ученици со оштетен вид, кои се однесуваат на социјална инклузија, интеркултурен дијалог и градење мир.
На настанот се обратија и шефот на делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир, амбасадорка на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер, Генералниот секретар на РИКО, Алберт Хани и директорот на ДУРДМОВ „Димитар Влахов”, Бобан Спасенцовски.
Во рамки на настанот се одржа и панел дискусија на тема „Инклузија и можности за млади со пречки во видот на западен Балкан” со ученици од ДУРДМОВ „Димитар Влахов”.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.
Почитувани присутни,
Драги пријатели,
Чест ми е да ве поздравам на овој настан посветен на лицата со оштетен вид.
Пред 90 години, познатата американска активистка за правата на лицата со попреченост, Хелен Келер, објави есеј со наслов „Вид за три дена”. Во есејот ја опишува средбата со нејзина пријателка која се вратила од подолга прошетка низ шумата, а на прашањето што видела, пријателката и одговорила дека не видела ништо посебно. Келер се прашала како е возможно, човек да шета цел час во шумата без да види нешто вредно? Самата таа, која била слепа и глува од најраното детство, имала поизострена перцепција преку допир и мирис од повеќето луѓе со вид и слух.
Почитувани,
Овие луѓе ги поттикнуваат оние кои немаат вакви препреки, да бидат солидарни кон нашите сограѓани со оштетен вид, слух или говор. Нејзината порака е дека ако сакаме да им помогнеме да се вклучат во сите сфери на општественото живеење, ние треба да се поистоветиме со нивната состојба и да ги разбереме нивните предизвици.
Секојдневието на лицата со оштетен вид, слух или говор не е ни малку лесно. Тие се соочуваат со предрасуди и дискриминација. Иако многу институции и организации работат на обезбедување патеки за лица со оштетен вид, литература со брајово писмо и преводи за глувонеми, сепак на тој план, како држава имаме уште многу работа.
Затоа сме денеска тука. Да ги поддржиме инклузивноста и солидарноста преку почитување и прифаќање на различностите. Во таа насока ќе спомнам два важни потфати.
Првиот е оној на Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов”. Ова училиште е основано со цел да ги едуцира и рехабилитира децата и младинците со оштетен вид до степен на осамостојување за професионален и личен живот. Неодамна, „Димитар Влахов” стана дел од програмата „Супер училишта”, која е пак дел од „Шемата за размена на училишта на западниот Балкан”. Овој проект кој е поддржан од Европската Комисија, Германската агенција за меѓународна соработка и Регионалната канцеларија за младинска соработка има за цел да овозможи размена меѓу училиштата кои се истакнуваат со својот активизам и инклузивност.
Вториот потфат е оној на Филозофскиот факултет во Скопје. Неодамна, овој факултет стана првата инклузивна високообразовна институција во државата. Минатата година, мојот Кабинет потпиша меморандум за соработка со факултетот со кој, меѓу другото, е предвидена промоција на материјали печатени со Брајово писмо за ученици и студенти и изработка на материјали со фонт за лица со дислексија.
Денеска, тука со нас е и Беира Салифоска, која на 24 февруари оваа година, на Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет ја одбрани својата дипломска работа на тема „Предизвиците на лицата со оштетен вид за време на Ковид-19 пандемијата”. Со нејзиниот труд, желба и големата мотивираност, Беира покажа дека кога се сака, не постојат пречки и предизвици кои не можат да бидат надминати. Со својот пример, слично како Хелен Келер, Беира дава поттик на сите останати сограѓани, особено на лицата со оштетен вид да ги остварат своите желби и соништа.
Драги пријатели,
Нема порелевантно мерило за карактерот на едно општество од односот кон неговите најранливи членови. Затоа, надлежните институции и граѓанските организации треба системски да работат на подигнување на општествената свест за целосно укинување на сите облици на дискриминација кон слепите лица. Унапредувањето на нивните права треба да биде наш заеднички приоритет, бидејќи општество во кое има простор за сите има повеќе шанси за успех.
Ви благодарам.