Собраниската Комисија за европски прашања денеска ја почна расправата по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање – втор од петте закони во кои треба да се интервенира согласно договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на делници од коридорите 8 и 10д, откако во петокот ја исцрпи расправата за измените на Законот за работни односи.
Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, и со овој закон се крши Уставот, се суспендираат законите во државава и се воведува беззаконие, предлогот е нејасен и нетранспарентен. Главната забелешка на опозициските пратеници е дека планската документација при проектирање со измените се става вон сила и за изградба на патните делници ќе биде доволно само урбанистички проект. Според нив, тоа ќе доведе до штетни последици и ќе овозможи и во иднина секој да гради каде што сака. Забележаа што законот повторно се „турка“ со европско знаменце иако на тоа реагирала ЕУ и евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир.
Мирче Аџиоски прочита допис што до собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија го испратила Комората на овластени архитекти и инженери која не била консултирана за предлогот и од кој, како што рече, може да се заклучи дека стручните лица сметаат дека носењето на овој закон ќе има штетни последици.
-Наместо планска документација, ќе се изработуваат само урбанистички проекти, што е лудост, зашто тоа не се маалски улици туку автопатишта. Ќе се доведе во прашање квалитетот на изградбата на коридорите, а со тоа и безбедноста на луѓето. Доколку воопшто и се изградат, и ако не останат без исход како автопатот Кичево – Охрид. Автопатиштата мора да ги поминат сите механизми на контрола од професионални субјекти, а не да бидат симнати на урбанистички проекти. Ова е несериозно, а целта е да се заобиколат постапки и процедури, рече Аџиоски.
Укажа и дека со предлогот ќе нема јавна анкета, како што е предвидено со планската документација, што значи, рече тој, дека јавноста ќе биде исклучена од увид во документацијата. Спорно е и тоа што урбанистичките проекти, како што рече, ќе може да ги изработуваат фирми со еден вработен планер.
-Под превезот на стручна терминологија се вметнуваат одредби кои ќе внесат хаос. Доколку ова се донесе, старите законски решенија ќе бидат суспендирани и нема да се почитуваат детални урбанистички планови и Генерален урбанистички план. Ќе се гради секаде ако Владата одлучи дека објектот е од стратешки интерес, рече Бојан Стојаноски.
Според него, без јавна анкета проектот ќе не може ни да се обжали. Забележа и што се исклучува системот за електронско добивање дозволи и тоа ќе биде, рече, „плодна почва“ за одредени фирми да ги добиваат проектите.
Дајанчо Ефтимов го нарече предлог-законот контроверзен – и во содржината и во начинот на носење. Според него, ова се однапред договорени правила на игра и отвора можност за, како што рече, „коруптивни дејанија“.
-Ова е самоволие кое се пресликува и во Законот за градење и Законот за експропријација што исто така ќе бидат опфатени, рече Ефтимов.
Ане Лашкоска укажа дека ќе бидат загрозени археолошки наоѓалишта на трасите што ќе се градат и дека по реакциите на археолозите и повлекувањето на измени на Законот за културно наследство, сега Владата, како што рече, „премолчено“ тоа го вметнува во Законот за урбанистичко планирање. Таа праша и зошто во предлогот не се спомнува кој ќе го врши надзорот над изградбата и зошто не се спомнати ниту општините низ кои ќе поминуваат делниците, заклучувајќи дека предлог-законот нив ги маргинализира и исклучува од соработка.
Здравко Трајанов додаде дека засегнатите институции ќе треба да дадат мислење и податоци за нивни објекти што се наоѓаат на трасите, а не е познато каде тие ќе се градат. Најголема штета, рече, ќе плати Министерството за култура кое ќе биде обврзано на големи суми доколку при изградбата биде оштетен или нарушен некој локалитет, споменик или друг артефакт, а не знае каде ќе поминуваат трасите.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ реагираа што на седницата на Комисијата не е присутен министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Присуствуваше неговиот заменик Беким Реџепи кој рече дека овие закони имаат посебна важност за нашата држава и смета дека расправата е конструктивна, но и дека има популизам, и дека се работи за нов модел за стратешки проекти.
-Не е вистина дека ги суспендираме постапките. Ние поставивме нов модел во насока на изградба на проекти кои се стратешки за државата. Знаете како се изградени стратешките проекти во соседните држави – Албанија, Косово, Србија, Хрватска, затоа ве молам во комисијата да има конструктивна дебата за доброто на овој проект кој е значаен за државата, рече Реџепи.