Земјите-членки на НАТО одлучија викендов Украина да не добие покана за членство во северноатлантската алијанса на самитот во јули во Вилнус, но ќе разговараат за продлабочување на соработката со Киев и за потенцијално одредување датум за нејзин влез во воениот блок, пренесува „Вашингтон пост“.
Како што се наведува, „и покрај инсистирањето на Киев, постои консензус меѓу 31 членка на Алијансата дека нема да биде испратена официјална покана до Украина за членство во НАТО на самитот од 11 до 12 јули“.
„Самитот во Вилнус нема да биде историски без одлука за иднината на Украина во Алијансата,“ изјави амбасадорката Наталија Галибаренко, шефот на украинската мисија во НАТО.
Според „Вашингтон пост“,„источноевропските земји работат на конкретни чекори кон оваа цел, вклучително и на потенцијалните обврски во врска со датумот за пристапување на Украина, додека САД и некои западноевропски земји се залагаат за олеснување на чекорите“.
Во статијата се наведува дека претставници на балтичките земји предложиле НАТО да испрати официјална покана до Украина за членство во Алијансата или да започне процес за поставување временска рамка или одредени услови за тоа.
Според весникот, чешкиот министер за надворешни работи, Јан Липавски, исто така се изјаснил за обезбедување на Украина со „релевантен пат“ кон НАТО.
„Она што се дискутира пред самитот е нивото на политичка волја за тоа колку брзо ќе се одвива процесот,“ истакна Липавски.
Во написот се наведува дека САД и нивните сојузници во Западна Европа претпочитаат побавен и повнимателен пристап.
Американски официјални лица велат дека администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден инсистира дека главен приоритет меѓу членките на НАТО е обезбедувањето континуирана поддршка на бојното поле за Украина додека Киев се подготвува за својата долгонајавувана контраофанзива.
„Во оваа фаза, фокусот треба да биде на практичната поддршка и на тоа како да продолжиме да обезбедуваме воена помош за Украина најдобро што можеме “, вели американскиот функционер.
Според неговото мислење, односите меѓу НАТО и Украина нема да бидат од најголема важност ако Алијансата не може да му гарантира поддршка на Киев на полето на безбедноста.
„Вашингтон пост“ истакнува дека некои земји забележуваат оти влезот на Украина во НАТО би значел „автоматско активирање на член 5“ од Северноатлантскиот договор потпишан во Вашингтон во 1949 година, кој предвидува колективен одговор во случај на вооружен напад врз една или повеќе членки на НАТО.
„Тоа ќе ја вовлече Алијансата во масовен конфликт со најголемата нуклеарна сила во светот“, се вели во статијата.