Поранешниот премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов и главниот обвинител Иван Гешев стапија во „војна“. Гешев, кој беше избран во времето кога Борисов беше премиер и двајцата имаа одлично разбирање за покривања на многу афери, денеска објави дека ќе го одработи мандатот до крајоит и театрално ја скина оставката.
Тој тоа го направи во судската палата, а до него седеа неговите заменици, но го немаше началникот на истрагите Борислав Сарафов кој бараше Гешев да си замине. Во контраудар Гешев му порача на Сарафов дека ќе побара оставка од него ако тој самиот не ја поднесе денеска.
За време на брифингот главниот обвинител зборуваше за „лицето Бојко Методиев Борисов. Тој рече дека му се заканувале на неговото семејство и се прогласи за жртва на политичката мафија, олигархија и криминал.
Главниот обвинител рече дека бил предупреден да ја напушти функцијата до 10 часот денеска и бил заплашен дека во спротивно некој ќе го притисне копчето „ентер“. Тој одби да именува кој го известил, но кога ќе добие докази ќе открие.
Според Гешев, се обединиле политичката мафија, олигарсите и сите што сакаат да крадат. „Се надевам дека денес е почеток на крајот на овој олигархиски модел“.
Во своето едночасовно образложение, главниот обвинител директно го нападна „лицето Бојко Методиев Борисов“ дека стои зад обидот за негово отстранување, дури наведувајќи дека добил прикриена понуда да стане амбасадор и во Израел или Турција, но и да има политичка кариера евентуално во ГЕРБ.
„Во четвртокот Габриел (Марија Габриел, кандидатот на ГЕРБ за премиер) рече дека прво што ќе направи ако состави влада е да побара оставка од јавниот обвинител. Нема да коментирам колку тоа ја нарушува поделбата на власта и независното судство. Се јавив на политичарка, која ја познавам и мислев дека ми е другарка. А таа ми рече: ‘Разбери ме, јас бев до неа. Првпат го слушнав од неа’“, коментира Гешев.
На овие остри изјави реагираше Бојко Борисов: „Не сум во позиција да нудам амбасадорски позиции кои се одобрени и потпишани од претседателот Радев. Не сум повикал ниту еден обвинител, не сум му испратил ливчиња на Иван Гешев“, им рече на новинарите лидерот на ГЕРБ.
Тој додаде дека по она што го слушнал на брифингот, уште повеќе е убеден дека „законите за реформирање на правосудниот систем мора да се донесат што е можно побрзо“.