Министерката за одбрана Славјанка Петровска по денешното рочиште против пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки, изјави дека судската постапка ќе докаже дека вистината е на нејзина страна и дека Ковачки свесно ширел лаги за да го наруши нејзиниот углед и да ја попречи во работата.
„Доказите кои ги презентиравме денеска пред судот во рамките на подготвителните рочишта се најголемите докази коишто ја потврдувваат вистината којашто јас ја зборивам, а оскудните т.н докази да не речам “рекла-казала” докази кои ги презентираа од страна на тужената страна, покажуваат со каква несериозност пристапиле кон сето ова, и дека единствената цел, како што кажа мојот адвокат, била да се наруши мојата чест и мојот углед и да се попречам во извршувањето на мојата работа. Доказите ќе ги доставиме до судот и уверена сум дека судот ќе ја види вистината. Сите оние шпекулации за наводно бришење на податоци од Катастар и така натаму, се само дополнителна замка во којашто тужениот сам влегува, меѓутоа тоа го оставам на неговата совест којашто е очигледно каква е во овој случај. На моја страна е вистината и таа ќе излезе на виделина“ порача Петровска.
Министерката за одбрана го тужи пратеникот затоа што тој на прес-конференции од партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ изнел лаги со кои ги нарушил нејзиниот чест и углед.