Во емисијата „За или Против” на Алфа ТВ гостуваше аналитичарот Сашо Клековски и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ кој што истакна дека власта го злоупотребува европското знаменце, ги прекршува законите а ситуацијата со коридорите е една од ретките ситуации на нефрлена лопата, каде се плаќаат аванси, и пенали во милионски суми а граѓаните сакаат резултати а не пропаганда.
„Владата на ДУИ и СДСМ прават се што е спротивно на нивните декларирани политики и на критиките спрема ВМРО-ДПМНЕ кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт пред неколку години. Да почнеме од темата за европското знаменце, сега сме сведоци каде што заменикот премиер кој е одговорен за европските интеграции да каже дека главната цел на употребата на европското знаменце е да се замолчи опозицијата. Страшно е кога имате заменик премиер кој доаѓа од граѓанското општество сега да вели дека единствена цел е да се спречи опозицијата да го каже тоа што го мисли за овие закони” нагласи Клековски.
Клековски додаде и дека гласачите на власта треба сами да увидат што СДСМ ветуваше а што прави и како се грижи за работничката класа.
„Гласачите на СДСМ треба да видат што СДСМ ветуваше и што СДСМ прави и во однос на прашањето со европското знаменце. Следно е и со поддржувањето на работната недела и часовите. Ова е влада со најизгубен компас што сме ја имале во историјата. Бидејќи не може минатата година да тврдите дека работничките права ви се најважни а оваа година да газите по нив, и истовремено домашните субјекти ригорозно да ги казнувате. Да не зборувам дека уставниот суд се има произнесено за овие работи. Гледате дека има комплетно изгубен вредносен компас. Еден од проблемите на оваа влада покрај тоа што нема никаков вредносен столб е неспособноста. Сето ова се случува заради нивната неспособност, ” истакна Клековски.
Клековски рече дека граѓаните не сакаат пропаганда туку работа и резултати.
„Во денешно време кога секој граѓанин е медиум, сите имаме камери и сите можеме да закачиме вест на социјалните медиуми, пропагандата не врши работа, граѓаните сакаат резултати. Имаше пет години да се демонстрира било каков резултат, спотови во кој се тврди дека 1000 километри патишта се направени за кој никој нема евиденции, тоа не поминува. Имаме комплетна неспособност, а таа неспособност се обидоа да ја решат со нов премиер и нова влада и тоа не дава резултати. Со сила туркање на вакви големи проекти е туркање на Македонија во голема неизвесност која не знаме дали ќе заврши со 2 или 3 милијарди нови долгови” , истакна Клековски.
Клековски додаде и дека ситуацијата со коридорите е една од ретките ситуации на нефрлена лопата, каде се плаќаат аванси, и пенали во милионски суми.
„Ова е една од ретките ситуации на нефрлена лопата, каде се плаќаат аванси, пенали во милионски суми. Владата се крие од проектот. Не е јасно кој е одговорен за проектот. Проектот е покриен со специјален закон во Собранието за кој ВМРО-ДПМНЕ не гласаше, за да се обезбеди покритие дека владата работи спрема законот. Закон кој е спротивен на уставот. Од затскривање, барање алиби ,политичката одговорност ќе стигне на следните избори тоа секако ќе се случи. Ќе се гради без одобрение за градба” истакна Клековски.