На 17-ти мај, недела, во 14:00 часот, во главниот град на Македонија, започнува голем натпартиски граѓански протест против насилното, сурово, криминално владеење на Никола Груевски.Ги повикуваме граѓаните, Македонци, Албанци, Срби, Роми, Турци, Бошњаци, Власи, ги повикуваме сите кои и мислат добро на Македонија да се приклучат на големиот протест.
Заедно, обединети, здружени, да испратиме порака до Никола Груевски, човекот кој ја уништи сегашноста и ја загрозува иднината на нашата татковина, дека мора да си замине.
Заедно да излеземе на голем мирен протест против мрачните сценарија и обиди за дестабилизација на Македонија.
Обединети против насилството и криминалот на нелегитимната власт на Никола Груевски и неговите соработници.
Здружени за враќање на европските вредности и мирот во Македонија.
Готово е Груевски.
Македонија крена глава.
Во недела, во Скопје, почнува враќањето на слободата и демократијата.
12.05.2015
Како тогашен Генерален Секретар на СДСМ ги повикав сите слободумни граѓани на сенароден граѓански протест за да ја вратиме државата назад на граѓаните и можам слободно да кажам дека во тоа сите заедно успеавме.
Веќе 8 години сите заедно ја водиме државата напред – од заробена и небезбедна држава, без слобода на говор, без почит на човекови права – до најбезбедна држава на Западен Балкан, во друштво на 36-те најбезбедни во светот. Заедно создадовме Едно општество за сите граѓани.
Ценети и рамноправни со најмоќните во НАТО, создадовме пријатели и партнери од Европа и светот. Поддршката која доаѓа од САД и европските партнери е исклучително значајна поддршка за иднината на земјата.
Заедно обединети сме и на патот кон ЕУ, продолжувајќи ги реформските процеси и внесувајќи ги највисоките европски вредности во секоја пора од општеството – затоа што и ова е заедничка одговорност, заради доброто на идните генерации.