Лидерите на бројни европски земји, главно од ЕУ, ветија на самитот на Советот на Европа (СЕ) во Исланд, дека Русија ќе одговара за војната против Украина, попатно откривајќи го механизмот со кој ќе се следат загубите и штетата предизвикана за време на руските напади, објави „Ројтерс“.
На самитот се обрати и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кој се приклучи преку видео врска.
„Пред една година не можевме да ги собориме повеќето терористички ракети, особено балистичките. И сега прашувам едно. Ако сме способни да го направиме тоа денес, има ли нешто што не можеме да направиме? – рече Зеленски.
Русија негираше дека намерно гаѓала цивили за време на бомбардирањето на украинските градови.
На состанокот се разговарало и за решавање на други прашања, вклучително и за наводното отстранување на илјадници деца од Украина во Русија, што Киев и неговите сојузници го нарекуваат нелегална депортација.
„Сега е моментот да возвратиме. Демократиите како нашата мора да создадат отпор за да можеме да ги совладаме оние кои воведуваат нестабилност. Ќе ја сметаме Русија одговорна за страшните воени злосторства што беа извршени и мора да ги научиме лекциите од оваа војна – со тоа што ќе бидеме подготвени да се соочиме со заканите за нашето општество пред тие да станат преголеми – рече британскиот премиер Риши Сунак.
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека Советот на Европа е важен и дека мора „да ги казни воените злосторства на руските окупатори и да бара одговорност за големата штета што Русија ѝ ја нанесува на Украина од ден на ден“.
Кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон соопшти дека Банката за развој на Советот на Европа (ЦЕБ) може да им излезе во пресрет и да им помогне на Украинците кои се во неволја.