За првпат по 13 години Интер ќе игра во финале на Лигата на шампионите. Во 2010 година Интер, во чии редови тогаш беше и Македонецот Горан Пандев, ја освои титулата, а сега е само на уште еден чекор да се повтори тој успех.
Интер во финалето ќе го чека подобриот од дуелот меѓу Манчестер сити и Реал Мадрид, а тренерот на Нераѕурите, Симоне Инѕаги вели дека ова е успех кој не го очекувале ниту челниците на клубот.
-Во наредните денови ќе разбереме што направивме. За нас беше сон, но верувавме и го исполнивме. Патот до финалето е неверојатен, особено бидејќи го победивме градскиот ривал во полуфинале. Никогаш не ветував ништо, но знаев дека ќе се потрудиме максимално. Од први април играме секои три дена, дојдовме до две финалиња и многу се подобривме во лигата. Горд сум на овој клуб. Кога бев повикан да бидам тренер, пред 19 месеци, од мене беше побарано да стигнам до 16-финалето од Лигата на шампионите затоа што од 2011 година клубот немаше играно во нокаут-фаза од ЛШ. Мислам дека минатата сезона во ЛШ беше добра, но оваа дефинитивно е подобра. Никој ништо не ни подари, туку ние со голема борбеност и со добра игра заслуживме да играме во финалето од ЛШ, вели Инѕаги, чиј тим лани беше елиминиран во 16-финалето од ЛШ, а сега ќе го игра мечот за освојување на трофејот.
За Интер ова ќе биде шесто финале во ЛШ, а во клупските витрини имам три пехари од елитното натпреварување на УЕФА.