Тренерот на Милан, Стефано Пиоли, беше разочаран по елиминацијата од Интер во Лигата на шампионите, а стратегот веднаш знаеше каде неговиот тим најмногу киксира. На првиот меч, кога Интер постигна два гола во првите 15 минути, предност која се покажа и како капитална во реваншот.
„Да не се лажеме. Многу сме разочарани. Ова беше одлично патување и сигурно дека никој не очекуваше екипа која минатата сезона испадна во групната фаза, сега да игра во полуфинале и да се бори за место во финалето. Целото ова полуфинале го упропастивме во првите 15 минути од првиот натпревар. Потоа, бевме на висина на задачата против една многу силна екипа. Имавме шанси да погодиме во реваншот, но не ги искористивме. Не можам да им забележам на играчите, кои дадоа сè од себе. Се надевам дека сезоната ќе ја завршиме на добар начин и следната сезона повторно да играме во Лигата на шампиони“, рече Пиоли по синоќешната елиминација на Милан во полуфиналето од ЛШ.