Во спортската сала на ООУ „11 Октомври“ во Општина Центар, се одржа свечено затворање на
Лига Центар 2023 и со финален натпревар во ракомет се одбележа крајот на училишните спортски
натпревари што се реализираат од минатата година.
На настанот присуствуваа деканката на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје,
Ленче Алексовска Величковска, директорот на Агенцијата за млади и спорт и поранешен
репрезентативец во ракомет, Наумче Мојсовски, селекторот на млада фудбалска репрезентација
до 17 години и поранешен фудбалер и тренер, Вујадин Станојковиќ, претставник од
Кошаркарската федерација на Северна Македонија, Ѓорѓи Чековски, поранешен репрезентативец
и актуелен тим-менаџер на сениорската кошаркарска репрезентација и Едина Муса, кошаркарка и
советничка во Општина Центар.
Општината ги награди најдобрите училишни тимови и најдобрите играчи на натпреварите во Лига
Центар 2023 со пехари, медали, дипломи и парични награди, Фудбалската федерација на Северна
Македонија донираше спортска опрема за наставниците по спорт во сите основни училишта во
Општина Центар, а беа доделени и спортски реквизити од Федерациите и Агенцијата за млади и
спорт.
Спортските игри Центар 2023 традиционално се организираат и се реализираат под
покровителство на Општина Центар. Учениците се натпреваруваат во лига-систем по Бергеров
модел во повеќе дисципини, односно кошарка, фудбал, ракомет, одбојка, крос, пинг-понг и во
други спортски активности. Општината ги наградува наставниците со 5.000 денари, а за освоено
прво, второ и трето место по спортска дисциплина се добиваат парични надоместоци од 10.000,
8.000 и 6.000 денари, додека најдобрите играчи и стрелци на натпреварите се стипендираат со
3.000 денари во период од осум месеци.
Општината дава поддршка за развој на спортот и негова промоција во разни спортски
дисциплини. Покрај спортско-рекреативните содржини наменети за учениците, се доделуваат
спортски стипендии за талентирани спортисти и финансиски се поддржуваат спортски клубови,
спортисти поединци, спортски институции, здруженија и други организации.