Нов трипл дабл на Јокиќ за прв триумф во финалето против Лејкерси

Во првиот натпревар од финалето на Западната конференција, Денвер Нагетс пред домашната публика го победија Лос Анџелес Лејкерс со резултат 132:126.

Денвер имаше двоцифрена предност во текот на целиот натпревар, но гостите од ЛА, иако во последната четвртина влегоа со негатива од 14 поени, на две минути пред крајот ја намалија разликата на само три коша, што ја насочи драмата до крај.

Но, по тајм-аутот не го искористија нападот и на линијата за слободни фрлања пристигна Никола Јокиќ, кој ги погоди двете и така го реши прашањето на победникот.

Јокиќ го заврши натпреварот со нов трипл-дабл учинок (34 поени, 21 скок и 14 асистенции), негов шести сезонава. Со тој учинок, тој се израмни на второто место со Меџик Џонсон (1982) и Дрејмонд Грин, кој успеа во 2019 година. Пред нив е само Вилт Чембрлен, кој имаше седум натпревари со трипл-дабл учинок во плејофот во 1967 година.

Кај поразените Лејкерс одличен натпревар одигра Ентони Дејвис со 40 поени и 10 скока, додека Леброн Џејмс застана на 26 поени, 12 скока и девет асистенции.

Треба да знаете
Последни објави