Кисинџер: Влегувањето на Украина во НАТО е и во интерес на Русија

Хенри Кисинџер, поранешен државен секретар на САД и еден од највлијателните дипломати во светот во последниот половина век, се предомисли за влезот на Украина во НАТО и испрати совет до рускиот претседател Владимир Путин. Магазинот „Економист“ направи интервју со Кисинџер, кој на крајот на мај треба да го прослави својот стоти роденден.

Во ова интервју, легендарниот шеф на Стејт департментот во претседателските администрации на Ричард Никсон и Џералд Форд, кој беше против приемот на Украина во НАТО од почетокот на руската агресија врз Украина, сега рече дека е подобро за безбедноста на Европа, Киев да се приклучи на Алијансата.

– Ова што сега го зборуваат Европејците според мене е крајно опасно. Затоа што Европејците велат: Не ги сакаме во НАТО, затоа што се премногу ризични. Но затоа ќе ги вооружиме до заби и ќе им го дадеме најнапредното можно оружје – изјави Кисинџер.

Тој рече дека војната во Украина е катастрофална грешка на рускиот претседател Владимир Путин, но дека за тоа не е без вина ниту Западот.

– Кога би разговарал со Путин, би му рекол дека е побезбеден доколку Украина влезе во НАТО – изјави Кисинџер.

Тој оцени дека пред крајот на годината се можни „вистински преговори“ меѓу Украина и Русија, а тоа ќе го овозможи Кина.

Кисинџер го пофали украинскиот претседател Володимир Зеленски како „исклучителен лидер“ за прифаќањето на дипломатските напори на Кина за мир во Украина.

Треба да знаете
Последни објави