Ако глупавите лидери на НАТО ја прифатат Украина, Киев нема да се откаже од обидот да ги врати териториите, а Русија ќе мора жестоко да одговори со сите можни средства, изјави потпретседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Дмитриј Медведев, коментирајќи го предлогот на поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер, Украина да влезе во алијансата.
„Кисинџер повика Украина да биде примена во НАТО. По десет дена, тој ќе наполни 100 години, а се сретна и со Брежњев. Меѓутоа, тука целосно згреши. Тој го нарече конфликтот меѓу САД и Кина главна закана за човештвото“, напиша Медведев на „Телеграм“.
Медведев посочи дека отсекогаш верувал оти за правилна процена на ситуацијата е важно да се има предвид не хипотетичка, туку директна и очигледна закана.
„Замислете, Украина да е прифатена во НАТО од сегашните глупави лидери. Како прво, НАТО веќе води хибридна војна со нашата земја. Второ, украинскиот националистички режим нема да се откаже од обидот да ги врати изгубените територии. Трето, на ова ќе треба силно да одговориме со сите можни средства и на крајот еве го членот 5 од Вашингтонскиот договор“, нагласи тој.
Суптилните аргументи за спречување егзистенцијални закани, според Медведев, не функционираат за време на крвави конфликти, а тоа треба да им биде јасно, дури и на стогодишниците.
За потсетување, поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер изјави дека Украина треба да биде примена во НАТО бидејќи станува земја со најдоброто оружје во Европа и најнеискусно раководство.
„Она што Европејците го зборуваат сега е неверојатно опасно. Тие велат дека не ги сакаат Украинците во НАТО бидејќи се премногу ризични, но дека добро ќе ги вооружат и ќе им го дадат најдоброто оружје. Ние ја вооруживме Украина до тој степен што ќе стане најдобро вооружената земја и со најнеискусното раководство во Европа“, изјави Кисинџер во интервју за „Економист“.