Сите средства собрани на аукцијата на модната ревија „Фустани со џебови“, во соработка со Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, им се донираа директно на жените на кои им е неопходна финансиската независност.
Халкбанк, банката што стои зад „Фустани со џебови“‒креативната кампања целосно посветена на поддршка на жените, ги донираше сите средства што се собраа на аукцијата одржана на големата ревија на македонските дизајнерки Јована Филиповиќ, Аида Зекир (М Couture), Татјана Кокев, Моника Коцарева и дизајнерот Марјан Бебекоски.
Собраните средства од аукцијата на модната ревија „Фустани со џебови“ во износ од над 150.000 денари се донираа во Интервентниот женски фонд. Ова е прв фонд наменет за парична помош на жени жртви на насилство што сакаат да ја напуштат или ја напуштиле насилната средина. Директната парична донација на Халкбанк ќе биде наменета за интервентна помош при: трошоци за медицински интервенции и прегледи, храна и хигиена, адвокатски услуги за жените што имаат потреба од правна помош, како и за нивните деца, но и за какви било други материјални трошоци што може да ги има жената во процесот на напуштање на насилната средина.
„Халкбанк целосно и посветено застана во поддршка на жените на кои им се неопходни финансиска независност и рамноправност. Оваа кампања не е ниту краток спринт, ниту еднократна осмомартовска акција, туку е долгорочна, посветена поддршка. Неизмерно сме горди и благодарни на сите што ги донираа своите средства онаму каде што е ранливо нашето општество: во поддршка на жените жртви на насилство. Во соработка со Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, преку Интервентниот женски фонд, жените на кои им е неопходна финансиската помош директно ќе имаат пристап до средства што, некогаш, живот значат“,изјави Маја Наумовска-Савеска, директорка на корпоративни и маркетинг-комуникации во Халкбанк.
„Интервентниот женски фонд го отворивме во 2017 година за да го обезбедиме она што им е најпотребно на жените кои сакаат да ја напуштат насилната средина, а тоа е финансиска поддршка која на жал не се обезбедува од страна на државата. Од формирањето на Фондот до денес имаме поддржано 139 жени и нивните деца. Фондот се полни само од донации од физички и правни лица, и до сега се донирани приближно 1.350.000,00 денари. Особено сме благодарни на Халкбанк што ја препозна важноста од постоењето на ваков тип поддршка за жените кои преживуваат насилство и со оваа донација ни овозможи да продолжиме да ја остваруваме нашата основна цел – обезбедување сеопфатна помош и поддршка за жени и деца жртви на семејно насилство.”, изјави Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Банката веќе ги најавува и следните активности директно посветени на финансиската независност, писменоста и овозможувањето еднакви можности за започнување и поддршка на сопствени бизниси на жените претприемачи.