Кога во Црна Гора би се одржале парламентарни избори следната недела се одржат, за движењето Европа сега (ПЕС) би гласале 29,1 отсто од граѓаните, покажува најновото истражување на Центарот за демократија и човекови права (ЦЕДЕМ), кое денеска беше претставено во Подгорица.
Истражувањето е спроведено од 1 до 14 мај на примерок од 1.003 испитаници.
За Демократската партија на социјалистите би гласале 24,1 отсто, за Демократскиот фронт 13,2 отсто, за Демократите 11,1 отсто, за Бошњачката партија 5,1 отсто и за Граѓанското движење 4,4 отсто. Претставничката на ЦЕДЕМ, Милена Бешиќ вели дека ПЕС има најголем тренд на раст, додека рејтингот на ДПС продолжува да паѓа.
Според резултатите од истражувањето, новоизбраниот претседател на Црна Гора и еден од лидерите на ПЕС, Јаков Милатовиќ, е најпопуларниот политичар во Црна Гора со просечна оценка од 2,78.
Втор најпопуларен политичар е лидерот на ПЕС, Милојко Спајиќ, со оценка 2,47, а трет е претседателот на Демократска Црна Гора, Алекса Бечиќ – 2,46.
На четврто место се актуелниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, и премиерот на Црна Гора и лидер на Граѓанското движење УРА, Дритан Абазовиќ, со оценка 2,36.
Лидерот на Демократската народна партија (ДНП), Милан Кнежевиќ е петти со просечна оценка 2,21, а на шестото место е Данијел Живковиќ, в.д. претседателот на Демократската партија на социјалистите (ДПС) со оценка 2,17.
Минималната оценка што може да се даде е еден, а максималната е пет.
Кога денес во Црна Гора би се одржал попис, мнозинството граѓани би се изјасниле како Црногорци (42,8%), 32,8 % би се изјасниле како Срби, 8,7% би се изјасниле како Бошњаци, а 4,9% како Албанци, покажаа резултатите од истражувањето.
Според истото истражување, 46,7 отсто од граѓаните зборуваат српски, 36,4 отсто црногорски, 5,3 отсто босански/бошњачки и 4,2 отсто албански.
Премиерот на црногорската влада во технички мандат, Дритан Абазовиќ, денеска изјави дека не верува во истражувањата на јавното мислење, особено, како што рече, на она што денеска го презентираше ЦЕДЕМ, според кое речиси третина од граѓаните (29,8%) сметаат дека Црна Гора оди по погрешен пат.
Абазовиќ смета оти резултатите од истражувањето презентирани денеска, како што рече, имаат своја цел.
„Само да разјаснам една работа: мнозинството црногорски граѓани мислат дека земјата е на вистинскиот пат. Ниту нарачани истражувања на јавното мислење не можат да го оспорат тоа“, рече Абазовиќ на состанокот на Владата на Црна Гора.
Тој смета дека е нетоќна и констатацијата за доверба во владата.
„Имаме констатција за која мислам дека е неточна бидејќи гледав нешто друго, кое не е објавено. Но, објавеното кажува и дека речиси половина од населението ги поддржува напорите на владата на Црна Гора“, посочи Абазовиќ.