Панел дискусијата која ја спроведе Тинк-тенк „Аналитика“ и која се однесува на Предизвиците и можностите од Иницијативата “Отворен Балкан” по кризата предизвикана од воениот конфликт во Украина укажа дека домашните компании се задоволни од ефектите на „Отворен Балкан“. Дискутантите во рамки на панел дискусијата сметаат дека иницијативата носи развој на индустриите и државата.
Директорка на Царинска Управа Славица Кутиров смета дека истражувањето на тема „Можности за регионална соработка, придобивки и предизвици од Иницијативата Отворен Балкан за компаниите од секторот туризам и земјоделие“ е од голем придонес за планирањето политики бидејќи таргетира значајни институции во државата.
„Од 2019 година како резултат на регионалната трговија го имплементиравме концептот за регионална соработка особено во периодот на ковид кризата кога се воспоставија зелени коридори посебно за индустријата на лекови кои во тој период беа многу значајни. Генерално граничниот премин по „Отворен Балкан“ е многу важен сегмент од регионалната трговија која носи побрз проток за товарните возила, за кои верувајте и секоја намалена секунда е многу значајна затоа што секое задржување значи поголеми трошоци за бензин и забавен транспорт за компаниите. Секако многу е значајна и брзината на поминување на граничните премини и за патничките возила особено во туристичката сезона“, истакна Кутиров.