Колку е важно ангажирањето на локалните власти и на локалната администрација покажува примерот со општина Кавадарци, наплатата на данок на имот ја има зголемено 100 %. Општините Велес, Врапчиште, Гостивар, Гевгелија, Дебар, Илинден, Кавадарци, Кратово, Македонска Каменица, Могила, Свети Николе, Старо Нагоричане, Студеничани, Центар Жупа и Штип, исто така имаат добри резултати во однос на ажурирањето на податоците, што резултира и со зголемена ефикасност на наплата на даноците, а во општина Арачиново се зајакнуваат капацитетите на организациската единица за администрирање со даноци, со што се исполнети условите за извршување на надлежноста, рече министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, на чинот на презентирање на резултатите од проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите – „Партнерство за поефикасни општини“.
Тој потенцира дека сите општини вклучени во првата фаза на проектот ја имаат зголемено стапката на наплата на данокот на имот во просек за 34,5 %, што придонесува за зголемување на стапката на наплата на сопствените приходи за речиси 25 %.
„По алармирањето на некои општини и на Град Скопје дека немаат целосни бази на податоци на даночни обврзници на данок на имот, Министерството за локална самоуправа во соработка со Проектот на УСАИД иницира конкретни активности за целосна поддршка на општините за подобрување на нивните капацитети за наплата на данокот на имот. Крајно време е да се надминат детските болести. Данокот на имот, наплатата и користењето на средствата во целост е локална надлежност и одговорност. Тоа се пари од граѓаните за граѓаните. Не ја амнестирам централната власт, но не може одговорностите да се земаат или оставаат според сопствени желби и процени“, рече Пенов.
За таа цел, формирана е посебна работна група со претставници од Министерството за финансии, Министерството за локална самоуправа, Министерството за транспорт и врски, Агенција за катастар на недвижностите, Државниот завод за ревизија, Комисијата за локална самоуправа на Собранието на Република Северна Македонија, ЗЕЛС, Град Скопје и општините Илинден и Тетово, која во наредниот период ќе предложи конкретни законски и подзаконски решенија, како и начини за размена на податоци меѓу надлежните институции и општините.