Годишна конференција на началниците на одбраната од балканските земји ќе се одржи денеска во Софија.
Избраната тема годинава е во согласност со заедничките насоки на соработка за НАТО и Европската Унија – „Регионална воена поврзаност и воена мобилност, како фокус во партнерството на Балканот во потрага по иновативни начини на интеграција и соработка“. На работните сесии ќе се разговара за прашања од заеднички интерес на вооружените сили на земјите учеснички, соопшти бугарското Министерство за одбрана.
Иницијативата на началниците на одбраните на балканските земји е основана пред 17 години и во моментов стана еден од најзначајните примери на регионална воена соработка. Областите на заедничка работа вклучуваат размена на информации за безбедносни теми и потенцијални закани за регионот, организација и спроведување на заеднички вежби, курсеви и обуки, како и барање можности за проширување на заедничките активности, соопшти МО на Бугарија.
Началникот на одбраната адмирал Емил Ефтимов ќе ги пречека своите колеги од земјите членки на иницијативата – Албанија, Босна и Херцеговина, Грција, Република Северна Македонија, Романија, Србија, Турција и Црна Гора, како и од земјите набљудувачи. – Словенија и Хрватска, јави БТА.
Во Бугарија пристигнуваат и претседателот на Воениот комитет на Европската унија, генерал Роберт Бригер, како и заменик-командантот на Здружената команда на силите на НАТО во Неапол, генерал-полковник Стивен Келси. Гостин говорник на форумот е Еди Лигеоа, раководител на одделот за „Транспортна мрежа“ во Генералниот директорат „Мобилност и транспорт“ на Европската комисија.
Шефовите на одбраната на земјите од НАТО пред една недела во Брисел разговараа за националните планови за справување со заканите.