Во Клубот на пратеници почна средбата на премиерот Димитар Ковачевски со лидерите од владината коалиција, на која се очекува да ги информира за посетата на САД, искажаната поддршка за земјава и реформите за продолжување на европскиот пат.
На средбата присутни се лидерите на ДУИ Али Ахмети, ЛДП, Моника Зајкова, на ДОМ, Маја Морачанин, потпретседателката на Алијанса за Албанците, Бујаре Абази, како и Стојанче Ангелов од „Достоинство“, Мендух Тачи од ДПА и Љупчо Балковски од ВМРО-Народна.
![Ковачевски лидерска](https://new.mia.mk/articles/images/%D0%BF%D0%BE%D1%87%D0%BD%D0%B0%D1%81%D1%80%D0%B5%D0%B4%D0%B1%D0%B0%D1%82%D0%B0%D0%BD%D0%B0%D0%BA%D0%BE%D0%B2%D0%B0%D1%87%D0%B5%D0%B2%D1%81%D0%BA%D0%B8%D1%81%D0%BE%D0%BB%D0%B8%D0%B4%D0%B5%D1%80%D0%B8%D1%82%D0%B5%D0%BE%D0%B4%D0%B2%D0%BB%D0%B0%D0%B4%D0%B8%D0%BD%D0%B0%D1%82%D0%B0%D0%BA%D0%BE%D0%B0%D0%BB%D0%B8%D1%86%D0%B8%D1%98%D0%B0xt2kc/k9pVaorjl/large.webp)
Во пресрет на средбата Централниот одбор на СДСМ синоќа ги повика сите политички и општествени чинители на обединување околу европската иднина и продолжување на европскиот пат.
ЦО на седницата го задолжил Ковачевски да ги спроведе сите неопходни разговори и чекори, за Северна Македонија да го продолжи европскиот пат, информираше портпаролката Богданка Кузеска.
Ковачевски пред Централниот одбор порачал дека од национален, регионален и глобален контекст е значајно продолжувањето на европскиот пат на земјата и ги потенцирал ризиците за иднината на земјата доколку не продолжат евро-интеграциите.
-Можеби ВМРО ДПМНЕ ќе соберат капацитет за да можат да го согледаат сето ова како целина. Иако, до денес како дел од анти европскиот блок предводен од проруската Левица и со константно блокирање, јасно е како е позиционирана оваа партија. Но од друга страна, јасно е дека во ВМРО-ДПМНЕ има поединци, пратеници, претставници на раководството кои не мислат како Мицкоски и кои искрено, од срце сакаат земјава да го продолжи патот кон ЕУ. Сакаат да бидат дел од проевропскиот блок. И тие поединци мислам дека многу брзо ќе го остават Мицковски на последната станица и ќе продолжат на возот кон Европа. СДСМ е предводник на овој европски концепт за европска иднина. И тоа така ќе биде. Или ВМРО ДПМНЕ ќе се приклучи кон проевропскиот блок цела, или во делови. Во секој случај, возот е тргнат и враќање назад нема. Сум го кажал ова, и ќе го кажам пак, Северна Македонија ќе оди напред и ние ќе ја исполниме нашата стратешка цел – полноправно членство во ЕУ, рекол Ковачевски.
На денешната лидерска средба, за разлика од претходната, ќе присуствува претседателот на Алијансата, Арбен Таравари, а нема да учествуваат претседателот на Алтернативата, Африм Гаши, и претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, кои излегоа од Владата.