Ташковски: Ќе се зголеми вложувањето во науката од страна на државата

Вложувањата во науката од страна на државата, за неколку години, треба да се зголеми и да изнесува меѓу 2 и 3 проценти од бруто-домашниот производ наспроти сегашните занемарливи средства, вели професор д-р Димитар Ташковски, актуелен декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии и кандидат за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје во интервју за порталот „Умно”.

„Како државен универзитет, УКИМ никогаш не може да биде финансиски независен од државата, туку напротив, вложувањето на државата во УКИМ треба да се зголеми. Ова подразбира и зголемување на средствата кои државата ги одвојува за наука, истражување и развој на инфраструктурата на УКИМ. Наспроти сегашните занемарливи средства, крајната цел е во период од неколку години да постигнеме вложување во наука приближно на европскиот просек, а тоа е помеѓу 2 и 3 проценти од БДП. Ова ќе се наметне и како обврска во процесот на преговори за влез во ЕУ и очекуваме поинтензивна соработка со државата на ова поле”, вели Ташковски.

Од друга страна, додава тој, „со цел државата да го согледа својот интерес да вложува во нас, УКИМ мора јасно да ја покаже својата посветеност на иновациите, односно развојот на претприемачкиот дух и трансферот на знаење од академијата кон општеството. УКИМ на сите свои единици располага со огромен интелектуален и креативен потенцијал кој може да придонесе во иновациската дејност и да создава интелектуална сопственост (патенти) кои драстично би ги зголемиле сопствените приходи на универзитетот”.

Ташковски објаснува дека како иден ректор ќе воспостави транспарентен систем за поттикнување на развој на нови производи и иновации (вклучувајќи и поттик за отворање на академски старт-ап и спин-оф компании), ќе формира на Канцеларија за трансфер на технологии, а ќе предложи и воведување Проректор за трансфер на технологии и иновации.

„Одлуката да се кандидирам за ректор на УКИМ е исклучиво резултат на мојата намера да придонесам за трансформација на УКИМ во современ, отворен и пред сè истражувачки универзитет кој ќе биде двигател на промените во општеството. Чувствувам обврска моето акумулирано знаење и богато искуство во делот на обезбедување на квалитет, наставна и научноистражувачка дејност, трансфер на знаење и иновации и раководење на високообразовна институција да ги ставам на располагање и како ректор да му служам на УКИМ и на сите негови вработени и студенти”, вели Ташковски.

Целото интервју може да го погледнете налинкот: https://umno.mk/izbori-na-ukim-dimitar-tashkovski/

Треба да знаете
Последни објави