Екипата на Македонија Ѓорче Петров е победник на јубилејното 30-то издание од фудбалскиот Куп на Македонија.
Ѓорчепетровци попладнево на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје, славеа победа со 2:0 на пенали. По основните 90 и дополнителните 30 минути резултатот беше нерешен 1:1.
Новиот шампион во Првата македонска фудбалска лига Струга, на историскиот трофеј од домашниот шампионат не го додаде и првиот куп-трофеј и пропушти шанса за „двојна круна“.
„Лавовите“ од Ѓорче го играа своето петто финале и стигнаа до третиот трофеј.
Македонија ЃП е само третата екипа откако се игра Купот на Македонија што успеала да го одбрани трофејот од најмасовното натпреварување. Претходно тоа им успеало само на Вардар и двапати на Работнички.
Вардар во 1999-тата година го одбрани трофејот од претходната година и тоа против истиот противник, Слога Југомагнат. Овој успех го повтори Работнички во 2009-тата година, откако ја совлада токму Македонија ЃП после пеналите, а претходната сезона во финалето беше подобра од кумановски Милано.
Вториот ваков подвиг на “романтичарите“ беше во 2015-тата година кога во финалето го совладаа Тетекс со 2-1 и го одбранија трофејот од претходната сезона и победата над Металург со 2-0.
Македонија ЃП е во ова одбрано друштво, а следната сезона ќе има можност да биде првата екипа што трипати во серија го освојува овој трофеј.
На спротивната страна, екипата на Струга беше дебитант во КУп-финалињата и ќе се сеќава на ова финале по тоа што успеа да ги промаши сите пенали. Ова беше вкупно десетто финале или четврто во серија кое е решено после изведувањето на пеналите, но прв пат се случува една екипа да ги промаши сите пенали.