Илјадници граѓани од Куманово но и околината, денеска имаа прилика одблиску да видат дел од воздухопловите, возилата и опремата кои ќе бидат дел од вежбата „Брз одговор 23“, а кои беа изложени на спортскиот аеродром „Аџи тепе“ во околината на градот.
На отворениот приказ на воздухоплови на Армиите на Република Северна Македонија и на Соединетите Американски Држави граѓаните со особен интерес ги проследија борбен хеликоптери од типот „AH-64 Apache“, транспортните хеликоптери „UH-60“ и „HH-60“ (black hawk), „CH-47“ (Chinook), и „Ми 8/17“ .
Од возилата и опремата граѓаните можеа да се запознаат со возила од видот „Хамви“ со различен вид вооружување, специјализирани АБХО и амбулантно возило, Лесното тактичко оклопно возило „JLTV“, оклопни возила „Кобра“ и „Хармелин“ Падобранска опрема, Алпинистичка, Нуркачка, АБХО и друга опрема.
Меѓу изложените средства беше и роботизираното софистицирано возило т.н. „PROJECT ORIGIN“, кое е во пробна употреба на Армијата на САД и претставува платформа за тестирање и демонстрација на нови технологии.
Присутните граѓани преку директна комуникација со армиските припадници имаа можност покрај со техничките карактеристики на изложените средства, да се запознаат и со воената професија, како и да се фотографираат во воздухопловите и возилата.
Како дел од цивилно воената соработка, на спортскиот аеродромот можеше да се види и изложба на цртежи на учениците од средните кумановски училишта, а беше присутна и музичка изведба од оркестарот од Гимназија “Гоце Делчев”.
Вежбата „Immediate Response 23“ која официјално отпочнува ,утре ќе биде најголема реализирана вежба во Република Северна Македонија оваа година, со учество на Армии на 4 НАТО земји и една партнерска земја: Република Северна Македонија, Соединетите Американски Држави, Албанија, Црна Гора и како земја партнер на НАТО Косово, со вкупно околу 1850 учесници.