Излезноста на парламентарните избори Грција заклучно со 16.30 часот се зголемила на 48,76 отсто, согласно официјалните податоци од Министерството за внатрешни работи на Грција, кое е надлежно за изборниот процес, јави дописничката на МИА од Атина.
Генералниот секретар во Министерството Михалис Ставрианудакис соопштувајќи ги податоците на два и пол часа пред завршувањето на гласањето рече дека излезноста е од 17.548 гласачки места, односно 82 отсто од вкупниот број и дека отворена е можноста оваа година одѕивот на граѓаните да биде поголем од пред четири години.
Излезноста на парламентарните избори во 2019 година беше 57,78 проценти.
Оваа година, прв пат во Грција се соопштуваат податоци за излезноста додека е во тек гласањето на граѓаните.
Следните податоци за излезноста ќе бидат соопштени по 19 часот, откако ќе се затворат гласачките места.
Првите официјални резултати од денешните избори, Министерството за внатрешни работи се очекува да ги објави околу 21 часот по локално време.