Украина тврдi дека нејзините војници и натаму се борат за контролата над источниот град Бахмут, откако претседателот Володомир Зеленски претходно на маргините од самитот на Г7 во Хирошима за новинарите рече дека градот „сега е само уште во нашите срца“, додека рускиот претседател Владимир Путин веќе го честита „ослободувањето на градот“ и ветува признанија.
Украинските сили делумно го опколиле Бахмут долж периферијата на градот и сè уште контролираат некои станбени квартови на градот, изјави заменик-министерката за одбрана на Украина, Хана Малиар, пренесе Ројтерс.
Запрашан пред средбата со американскиот претседател Џо Бајден во Јапонија, дали украинската војска сѐ уште се бори во Бахмут откако шефот на руската приватна воена компанија „Вагенр“, Евгениј Пригожин во саботата објави дека неговите борци го заземале градот, Зеленски прво дал нејасен одговор, а потоа на повтореното прашање одговорил „Мислам дека не“, пренесе агенцијaта Ројтерс.
Притоа, како што подоцна пренесоа и другите агенции, Зеленски додал „Денеска Бахмут е само уште во нашите срца“.
Но портпаролот на украинскиот претседател подоцна излезе со толкување дека Зеленски одговорил наводно на вториот дел од прашањето.
„Новинарското прашање: Русите рекоа дека го заземале Бахмут… Одговорот на претседателот: Мислам дека не“… На тој начин претседателот го негираше освојувањето на Бахмут“, напиша на Фејсбук портпаролот Серхиј Никифоров.
Пригожин во саботата објави дека руските борци целосно го заземале градот Бахмут (Артјомовск на руски) на административната граница на југоисточната украинска доминантно руско и рускојазичен регион Доњецк кој се отцепи по превратот во Киев во 2014 година, а од ланскиот септември со референдум, кој не го признава меѓународната заедница, се присоедини на Руската Федерација. Станува збор за најдолгата и најкрвава битка со илјадници жртви на двете страни во 15-месечната војна во Украина.
„Тоа е трагедија.. Ништо не остана (таму)“, рекол Зеленски пред новинарите во Хирошима.
Руското Министерство за одбрана, пак, накратко објави „дека ослободувањето на Артјомовск е завршено како резултат на нападот на јуришните одреди ‘Вагнер’, со поддршка на артилерија и воздухопловни сили“.