Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, упати честитка до припадниците на влашката заедница од негово име, како и од име на МВР.
„Денеска оддаваме признание на влашкиот народ за вековниот стремеж за зачувување и промовирање на својот сопствен јазик, култура и традиција, вткаени во нашето Едно општество за сите, дотолку повеќе збогатувајќи го мозаикот на различности на Република Северна Македонија.
Придонесот на влашката заедница во Македонија е од исклучително значење токму во најважните поглавја од нашата богата историја, како во заедничките историски борби за слобода, правда, независност и државност, така и денес во насока на унапредување на севкупниот општествен живот на земјата.
Мноштво истакнати личности Власи биле активно вклучени во политиката, уметноста, науката, културата, образованието и медицината. Притоа, секогаш споделувајќи ги вредностите на заедништвото, солидарноста и меѓусебната почит, како и прогресивните и иновативни идеи за подобар животен стандард на секој еден“, напиша Спасовски во честитката.
„Така продолжуваме и во иднина, сплотени во различностите, но со иста цел – европеизација на општеството. За многу години нека е 23 Мај, Националниот ден на Власите“, истакна Спасовски.