Вицепремиерот Фатмир Битиќи упати честитка по повод 24 Мај – Ден на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј

Нека е честит 24 Мај, Денот на сесловенските браќа Кирил и Методиј!

Денеска го чествуваме делото на Светите браќа Кирил и Методиј на кое македонските граѓани и сите словенски народи, како и цела Европа му оддаваат признание како на еден исклучително значаен цивилизациски процес на европскиот континент.

Во основата на тој историски процес е создавањето на првата азбука – глаголицата, со која Светите Кирил и Методиј овозможија писмото да биде достапно за сите Словени и старословенскиот јазик да се воведе во тогашните црковни служби.

Она што тие и нивните ученици го направија со нивните мисии меѓу словенските народи денеска се препознава и како широка просветителска дејност којашто вклучувала преводи на книги и формирање на книжевни школи, од кои за нас е особено значајна нашата Светиклиментова охридска школа.

На темелите на овој процес подоцна Свети Климент Охридски ќе ја создаде кирилицата како основа за натамошното создавање на македонскиот јазик и писмо.

Епохалното дело на Светите браќа Кирил и Методиј беше поттик за различните словенски народи самоуверено да зачекорат на европската цивилизациска сцена како народи со свое писмо и јазици. Затоа и Папата Јован Павле Втори во своето послание, од 31 декември 1980 година, ги прогласи Светите браќа за заштитници на Европа зашто штитејќи ги словенските народи тие ја штитеа и Европа.

Нека е честит и вековит 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј!

Треба да знаете
Последни објави