Започна Првата конференција за наука за материјали, во организација на Македонската академија на науките и уметностите и Истражувачкиот центар за животна средина и материјали.
Вишиот научен соработник во Центарот за животна средина и материјали при МАНУ, Александра Иваноска – Дациќ во изјава за МИА појасни дека предвидена била уште пред три години, меѓутоа настапил коронавирусот, па се одложила.
– Конференцијата со пленарно предавање ја отвора нобеловецот Ден Шехтман, кој има добиено Нобелова награда во 2011 година за откривање на квазикристалите. Од главните организатори, тука е Панче Наумов од Њујорк Универзитетот Абу Даби, кој е надворешен член на МАНУ. Темата на конференцијата се материјалите, поделена е во неколку панелни секции, додаде Иваноска – Дациќ.
Особено е важна, како што истакна таа, бидејќи првпат се организира на една ваква тема, каде што поопширно се опфатени материјалите.
– Значен придонес и дава тоа што нобеловецот Шехтман е прв нобеловец од областа на хемијата, којшто доаѓа во Македонија. Пленарните предавачи се сите видни експерти во својата област. Придонес даваат и домашните предавачи, исто така сите се етаблирани истражувачи и научници. Конференцијата е отворена за сите коишто сакаат да присуствуваат и се заинтересирани да видат што се случува и во светот и кај нас, во областа на материјалите, подвлече Иваноска – Дациќ.
Конференцијата ќе се одвива три дена, а како што е најавено ќе учествуваат научници и експерти од земјава, како и од Италија, Ирска, Финска, Обединетото Кралство, Република Чешка, од Јапонија и од САД.