Автомобил удри во ограда на Даунинг стрит, каде се наоѓа канцеларијата и резиденцијата на британскиот премиер Риши Сунак, соопшти денеска лондонската полиција, додавајќи дека еден маж е уапсен поради опасно возење.
„Околу 16:20 часот автомобил удри во оградата на Даунинг стрит во улицата Вајтхол. Вооружени полицајци уапсија маж на местото на настанот под сомнение за казнено дело и опасно возење“, соопшти полицијата.
Се додава дека нема извештаи за повредени. Полицијата соопшти дека истрагата се уште е во тек.
Полициски кордони се поставени долж Вајтхол, главната сообраќајница кај Даунинг стрит каде се наоѓаат неколку владини оддели.