Ќе се укинат организациските директори на скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ и од јануари идната година ќе функционира како целина, најави денеска министерот за здравство Фатмир Меџити. Клиниките сега функционираат како посебни установи од 2007 година.
-Готова ми е информацијата до Влада. Од првиот ден напорно работам за овој проблем за еднаш засекогаш да се постават работите на Клинички како што треба и тој да функционира многу полесно, поадекватно и поефективно. Информацијата е готова, во договор со Фондот за здравствено осигурување, оти пресметките се прават со почетокот на новата година , најверојатно се очекува од први јануари 2024 година да почне да функционира еден Клинички центар со еден генерален директор. За модалитетите ќе се договориме. Ќе се укинат организациските директори на клиниките. Едвај чекам тоа да се случи, нема повеќе да имаме загубари кои не знаат што работат. Ќе се прават набавки со цел поголемо количество-пониска цена“, рече министерот Меџити.
Вели дека со повторното централизирање на функционирањето на Клиничкиот центар тој не измислува топла вода оти тој така функционирал пред 20 години и вели дека, доколку тој остане министер, така ќе продолжи да работи.
Министерот не го интересираат политички притисоци и вели дека тоа мора да се направи бидејќи покрај другите работи, оваа е дел од на што ЕУ го бара нас на патот до членство.