Професорот на Филолошкиот факултет, Људмил Спасов своето обраќање на одбележувањето на Денот на сесловенските просветители го започна со прашање „како опстојал македонскиот јазик сѐ до неговото стандардизирање во 1945 година?“.
-На почетокот ќе се повикам на Мисирков, но и на Конески бидејќи и тој ја варира истата мисла: „Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто тој е наш исто така како што е наша татковината. Да си го зачува некој својот народен јазик и да го брани како светиња , значи да му остане верен на духот на своите прадедовци и да почитува сè што имаат тие направено за своето потомство. Да се откаже човек од својот народен јазик значи да се откаже тој и од народниот дух и од самиот себе си.“ Оваа мисла е кажана на почетокот на 20 век, 1903 г., токму кога заврши 19 век, векот на најголемиот дотогашен напредок на човештвото од почетокот на историјата. Оваа мисла е употребена од многу културни дејци од Европа, сѐ со цел да се поттикне формирањето на современите нации. Нашиот Мисирков е сосема во духот на своето време“, оценува Спасов.
Според професорот одговорот на прашањето е мошне едноставен.
-Опстојале низ вековите луѓето, односно зборувачите, говорителите што го употребувале македонскиот јазик, односно народниот македонски јазик. Ако не го земеме предвид црковнословенскиот период на македонската писменост на глаголица и на кирилица до 15 век, можеме слободно да кажеме дека современиот народен македонски јазик навлегува во писменоста од кај 16 век. Инаку, тоа е времето на европската ренесанса, времето на „будењето“ на народите и на народните маси кои постепено се школувале, се описменувале. Што значи тоа? Тоа значи дека тогаш постоеле кај нас писмени луѓе кои читале книги и ним им биле потребни книги напишани на народен, говорен јазик. Во 17. И во 18 век народниот македонски јазик се употребувал во писмени текстови во секојдневниот живот: тоа биле трговски договори, аманети и слично. Во првата половина на 19 век се јавува едно просветителско движење базирано на христијанските вредности. Се проповеда библијата, но на живиот народен јазик. Таков пример е Кониковското евангелие од 1852 или 1853 година од јужните краишта на Македонија, напишано на современ народен македонски јазик и на народен новогрчки јазик. Патем, имав благородна задача да станам еден од издавачите на овој текст. Таков пример е делото на Кирил Пејчиновиќ, неговите проповеди врзани со црковни текстови од северните краишта на Македонија“, објаснува Спасов.
Тој додава дека втората половина на 19 век е времето кога и покрај сите политички тешкотии врзани со непостоење на своја држава, засилувањето на црковните пропаганди и слично, се развива стремежот да се создаде современ писмен јазик.
-Се јавуваат македонски интелектуалци кои, постепено, но сигурно создаваат современ писмен јазик, претходник на идниот кодифициран македонски јазик. Да ги споменам овде браќата Миладиновци, Кузман Шапкарев, Марко Цепенков и многумина други. Тоа е времето кога се создава интелектуален граѓански слој кој ги афирмира културните вредности. Ваквото движење е материјално поддржано од средниот побогат земјоделски, трговски и занаетчиски слој што ги дава материјалните средства. Но, за жал сѐ уште немаме своја држава. На почетокот на 20 век се јавува идеологот на македонската културна борба, Крсте Мисирков и тој ја прави првата стандардизација на македонскиот јазик. Конечната стандардизација станува на 3. Односно 5 мај 1945 година со усвојувањето на современа македонска азбука и 7 јуни 1945 кога е усвоен современиот македонски правопис, откога на 2 август 1944 година АСНОМ, претставничкото тело на современата македонска држава, одлучи дека во македонската држава официјален, службен јазик ќе биде македонскиот јазик. Улогата на Блаже Конески и на неговото дело се најтесно поврзани со последниве настани. Еве вака опстојавме ние Македонците и вака опстојува македонскиот јазик. Сѐ додека има луѓе кои го употребуваат македонскиот јазик тој ќе постои и ќе постои нашата единствена татковина“, кажа професорот.
Според него, култот на светите Браќа Кирил и Методиј на овие простори – Западниот Балкан како дел од Југоисточна Европа кога овој регион живеел без граници, е афирмиран и со цел да се сочува и автокефалноста на Охридската архиепископија во 18 век и во 19 век.
-Култот на Светите Браќа е афирмиран (обновен) во Москополе, град населен со Ароманци кој се наоѓа во југоисточна Албанија и преку фреската „Седмочисленици“. Фреската „Седмочисленици“ се наоѓа во манастирот посветен на св. Наум, Северна Македонија, но и на други места. Него го негува и муслиманското население од овие краишта. Натписите се на грчки библиски јазик. Култот на Седмочислениците и на Светите браќа се раширува во Србија и во Бугарија и во Црна Гора. Ова укажува на една мошне важна поука: Ако можеле овие луѓе, во овој регион населен од повеќе народи: Македонци, Албанци, Ароманци/Власи, Грци и други заедници, еднаш во минатото да живеат без граници, тоа ќе може и во иднината. А иднината за мене е ЕУ“, заклучува професорот Спасов.