Во Тиквешијата, рамо до рамо со граѓаните попладнево беа генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ Вардарски и претседателот на партиската комисија за транспорт и врски, Митко Трајчулески, во рамки на теренските активности на партијата „Рамо до рамо, до победа”.
Граѓаните на Тиквешијата, Ваташа, Кавадарци, многу добро знаат дека СДСМ секогаш е на вистинската страна на историјата, а како наследници на партизаните од НОБ врз кои почива македонската држава и во минатото и денеска тоа на дело го покажала.
Многу жртви се дале за се она што сме денеска. Споменот на тие жртви не обврзува сите нас да ја обезбедиме македонската иднина во Европа, да бидеме рамноправни на европската маса и да создадеме општество на сигурност, безбедност и благосостојба, за никогаш повеќе да не се повторат нови негирања, ниту пак нови жртви, порача генералниот секретар Зечевиќ на масовна маалска средба со граѓаните на Ваташа.
Зечевиќ потенцираше дека секогаш левата политичка опција во земјава била на вистинската страна на историјата и на македонската држава, правејќи дистинкција со деструктивното однесување на десната политичка опција.
-Мораме да зборуваме за гласот на вистината да се слушне, да знаеме кои сме ние а кои беа они. Ѕвездата што ја носиме ни е таква каква што е, таа не е само денеска, таква била и во минатото и таква била низ историјата на македонскиот народ, секогаш левата опција била постојано на браникот на Македонија и на македонизмот. Ги гледам организациите коишто ги прави опозицијата, на сметка на Ваташа, на сметка на историјата што ја имаме, ние јасно знаеме кои сме ние а кои се они. Затоа сме тука со вас, говориме и ќе говориме за да направиме јасна дистинкција, кои сме ние а кои се они. Немојте да го заборавите тоа никогаш. Па зарем тие што го лустрираа Славко Јаневски да ни кажуваат дека се големи патриоти? Коишто Блаже Коневски го нарекуваа џуџето од Небрегово? Тие да дозволиме да ни држат денеска предавања за македонската историја и за учество на македонските социјалдемократи во неа?, додаде Зечевиќ.
Генералниот секретар потенцираше дека сега земјата има историска шанса да стане рамноправен партнер на европската маса и повика на заедничка политичка борба да станеме дел од Европа.
-Стремежот на сите оние генерации пред нас не бил да бидат плен на масата туку да бидат рамноправен партнер. Денеска имаме шанса да бидеме рамноправен партнер на европската маса. Имаме признаен, потврден, македонски литературен јазик. Мора да се бориме како народ, сите заедно, да опстоиме за нашата конечна кауза а тоа е да бидеме дел од Европа. Не Европа во формално правна смисла, суштински, да донесеме вредности за квалитетен живот каков што го имаат европјаните. На народот, на граѓаните им треба и мир и стабилност, им треба и соживот, иднина. Мора да останеме заедно, на патот којшто не чека, да остане сложни, рече генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ Вардарски вечерва во Ваташа.