Проф. д-р Димитар Ташковски, кандидат за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“
Кој е вашиот мотив да се кандидирате за водечката позиција на УКИМ?
– УКИМ е најстариот, најголем и несомнено најдобар универзитет во земјата. Нашиот универзитет и, општо, високото образование кај нас, веќе подолго време се соочуваат со низа различни предизвици, кои бараат брзи и одлучни акции за да не се загуби чекорот со современите трендови во високото образование и науката. Само на тој начин УКИМ може да го добие и одржи своето заслужено место во европскиот простор на високото образование. Почувствував обврска моето акумулирано знаење и богато искуство во наставната и научноистражувачката дејност, трансферот на знаења и иновации, управувањето со квалитетот во високото образование и раководењето високообразовна институција да ѝ ги ставам на располагање на академската заедница на УКИМ, за да им служам на сите негови единици, вработени и студенти како ректор на универзитетот во мандатниот период 2023-2026.
На предизвиците со кои се соочува УКИМ ќе одговорам со конкретни, системски и сеопфатни решенија наведени во мојата програма. Главната цел на таа програма е УКИМ да се трансформира во современ, отворен и истражувачки универзитет што е подготвен да ја преземе одговорноста што му припаѓа во општеството, односно да стане стожер на високото образование и наука и двигател на економскиот развој на државата. Напредокот, резултатите и меѓународната афирмација што ги постигна Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) за време на моето актуелно раководење како декан во два мандата ми го даваат неопходниот кредибилитет да се надевам дека колегите на УКИМ ќе ми ја дадат својата доверба да го водам Универзитетот кон поголеми успеси.
Моите професионални успеси претставуваат доказ за способноста да управувам со високообразовна институција во турбулентен период. Верувам дека моето искуство може да придонесе за побрз и поуспешен развој на УКИМ во наредниот период.
Кој ќе биде вашиот прв фокус доколку бидете ректор?
– Сите предизвици со кои се соочува УКИМ бараат итни мерки, а Ректоратот треба да ги предводи тие процеси преку добра организација и управување, во блиска координација со единиците на универзитетот. Во делот на наставата, прво ќе се фокусирам на адаптирање на студиските програми на универзитетот во согласност со европските образовни политики и стандарди за квалитет на високото образование, вклучувајќи и зголемување на студентската мобилност. За поддршка на процесот, во мојата програма се предвидени неколку нови центри на УКИМ (за е-учење, за унапредување на компетенциите на наставниците, за инклузивно образование, за доживотно учење), како и канцеларија за обезбедување квалитет, која би се фокусирала и на одржување на квалитетот на студиските програми.
Во делот на науката ќе се фокусирам на подигнување на критериумите за постигнување извонредност во научноистражувачката работа и учеството на УКИМ во меѓународни проекти, со посебен акцент на интердисциплинарност и соработка меѓу единиците на УКИМ. Исто така, еден од приоритетите ќе ми биде подобрување на трансферот на знаење од академијата кон општеството, преку воспоставување транспарентен систем за поттикнување развој на нови производи и иновации, поттик за отворање академски стартапи, како и воспоставување соодветна инфраструктура за поддршка на истражувачите.
Паралелно со овие активности, силно ќе се залагам и ќе работам на дигитализацијата на УКИМ. Акцентот ќе биде ставен на процесот на наставата преку воведување дигитални технологии и е-учење, како и на административното работење на единиците и ректоратот и на услугите за студентите. Конечно, особено внимание ќе обратам на подобрување на инфраструктурата затоа што на УКИМ мора сите единици да имаат висококвалитетни и современи просторни услови за изведување на наставата, како и соодветни просторни услови за развој на наука и иновации, развој на претприемаштвото на професорите и студентите, за социјални иновации и за доживотно учење.
Во каков универзитет реално може да прерасне УКИМ под ваше водство?
– Во согласност со лајтмотивот на мојата програма за ректор – „за современ, отворен и истражувачки универзитет“ и решенијата што ги нудам, очекувам УКИМ под мое водство да го подигне нивото на квалитет и релевантност на студиските програми, нивото на внатрешна интегрираност и соработка, како и да го зголеми учеството во научноистражувачки активности. Ова ќе придонесе кон големо подобрување на сите индикатори за квалитет во вршењето на високообразовната дејност и резултатите во научните истражувања. До крајот на мандатот очекувам УКИМ цврсто да зачекори на патот кон Шангајската листа на најпрестижни светски универзитети, односно да се најде на неа во период од три до пет години.
Со какви проблеми очекувате да се соочите?
– УКИМ се соочува со повеќе објективни и субјективни проблеми, како што се: деградирањето на звањето универзитетски професор во општествениот живот, слабата препознатливост на УКИМ, нелојалната конкуренција од формални и неформални образовни институции, исклучително ниското финансирање на науката од државата, слаба кадровска екипираност на речиси сите единици, недостиг од простор за работа и современи лаборатории, недоволна соработка помеѓу различните единици и вработени на УКИМ, слаби критериуми за унапредување во академски звања, ниска свесност за потребата од соработка меѓу академијата и бизнисот, ниско ниво на дигитализација. Мојата програма нуди конкретни идеи и мерки за решавање на секој од овие проблеми.
Државата издвојува недоволно пари за наука и истражување. Како би го решавале овој сериозен проблем?
– Средствата што ги издвојува државата за наука и истражување се занемарливи. Иако овој проблем честопати е истакнуван од академската заедница, сепак сѐ уште ситуацијата не е подобрена. Доближувајќи се кон ЕУ, неминовно ќе биде да дискутираме за процентот што државата мора да го вложува во наука и развој, односно да се стреми да го постигне европскиот просек, кој е 2 отсто и 3 отсто од БДП.
Во меѓувреме, научноистражувачките активности на УКИМ мора да се потпрат на меѓународни иницијативи што обезбедуваат солидно надворешно финансирање. Во мојата програма е предвидена поддршка на меѓународните проекти на УКИМ преку зајакнување на капацитетот на канцеларијата за меѓународна соработка, која ќе ги следи сите отворени повици, ќе ги информира вработените на УКИМ за истите тие, ќе остварува контакти со потенцијални партнери, ќе учествува во подготовка на апликациите, како и во имплементација на добиените проекти.
Иако УКИМ е водечка институција во земјата по број на меѓународни проекти и склучени договори со странски високообразовни институции, сепак активноста во реализација на тие договори е главно на одредени поединци, а не е резултат на некоја стратегиска активност на Универзитетот. Затоа, за зголемување на меѓународната видливост на УКИМ од особено значење е и вклучување на УКИМ во меѓународни мрежи и асоцијации преку кои може да се направи поцврста соработка со други европски универзитети. На овој аспект ќе му посветам посебно внимание.
Конечно, мојата програма предвидува и формирање сопствен фонд за наука и развој, кој ќе се обезбеди од средствата што се издвојуваат од меѓународните проекти што се имплементираат на УКИМ. Средствата од фондот за наука и развој врз основа на транспарентни и мерливи критериуми ќе се користат за финансирање интердисциплинарни научни проекти, поттикнување на кадарот за подготовка на проектни апликации, поддршка за подготовка на проектни апликации, поддршка на асистентите за објавување научни трудови и слично.
Проблем за високото образование е и ниското рангирање на меѓународните листи. Како може да се подобри тоа?
– Ректоратот и фондот за наука и развој посебно ќе поддржуваат проекти и иновации што ја засилуваат научната соработка меѓу факултетите на УКИМ. На различните факултети на УКИМ веќе постојат извонредни кадри чии меѓународни референци значително ја подобруваат меѓународната репутација на Универзитетот. Нивното здружување и соработка ќе имаат силен ефект врз развојот на Универзитетот и негов брз напредок на меѓународните ранг-листи.
Преземено од Нова Македонија