За 15.620 пријавени матуранти денеска почна полагањето на државната матура, но не и за Тијана Силјаноска од Охрид. На матурантката Силјаноска од Охрид не и било дозволено да полага државна матура поради административна грешка. Нејзиното име го немало на списокот со 200 матуранти од средното училиште „Свети Климент Охридски“ од Охрид по што разочарана се вратила дома. Нејзиниот татко е лут и вели дека поради негрижата на надлежните од училиштето, неговата ќерка која е одличен ученик, нема да може да се запише на Факултет за физиотерапија во Словенија.
Според него ова е административна грешка што се случила во февруари, но никој не алармирал за тоа.
Случајот го пријавиле до сите надлежни инспекторати. Марјан Бошаревски, советник во Бирото за развој на образованието, вели дека потврдиле дека ученичката не била присутна во моментот на подготвување на списокот и не била потпишана на списокот на кандидати кои треба да се пријават на испитот за државна матура. Но тоа неа не ја исклучува од учество на испитот, затоа одговорност треба да преземат претставниците од педагошката и психолошката служба на училиштето. Министерот за образование соопшти дека ќе го истражат случајот.