Изгласани законски измени за автопатите, ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржа, ќе ги преиспитува процедурите за нивното носење

Во Собранието, по речиси тринеделна дебата, вчера со 62 гласа ЗА и 43 ПРОТИВ беа изгласани измени и дополнувања на пет закони поврзани со изградбата на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д, со кои, според Владата, ќе се овозможи  поефикасна и поевтина реализација на  Договорот со проектантот и изведувачот, американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

Владата тврди дека со законските измени ќе се олесни реализацијата на сите идни стратешки инфраструктурни градби, а како аргумент ја наведува и потребата од заокружување на Коридорот 8 откако неодамна беше впишан во мапата на европски коридори.

За законските измени не гласаа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои изминатиот период упатија критики за законите и нивното означување со европско знамнце и постојано бараа увид во Договорот, тврдејќи дека необјавувањето на неговата содржина остава простор за корупција.

Дебатата за овие законски измени означени со европско знаменце од страна Владата заврши завчера, а вчера само се гласаше, во тек на пауза од седницата за пратенички прашања.

Во пресрет на гласањето Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ во процедурална забелешка рече дека неговата пратеничка група нема да гласа за законите и најави дека во иднина ќе бидат преиспитани постапките за нивното носење.

-Ќе гласаме против законите за реализација на автопатите за коридорите 8 и 10д за да остане забележано и нотирано во историјата дека најголемиот проект на оваа Влада е покриен и целосно исполнет со основни сомненија за злоупотреба и можен криминал од невидени размери со народни пари и дека сите овие постапки и процедури за носење на овие закони и договори ќе бидат внимателно анализиран, ревидирани и процесуирани до адекватните институции по промената на власта во Македонија, рече Мицевски. 

За законите за коридорите и Договорот со „Бехтел и Енка“ се дебатираше и  на седницата за пратенички прашања, на која премиерот Димитар Ковачевски порача дека најдобриот одговор на ВМРО-ДПМНЕ за коридорите дојде од Американската амбасада, од каде недоамна порачаа дека процесот во кој е инволвиран „Бехтел“ е целосно транспарентен и законски.

-Најдобрата потврда за тоа дека изградбата на коридорите е инфраструктурен проект правен согласно со закон, со сите процедури запазени со Специјален закон донесен овде во Собранието без ниту еден глас, дојде од тие кои што ги повикувавте да одговорат, односно од Американската амбасада. Сите оние лаги, хистерии што се прават во медиумите, целото тоа кочење кое што се обидувате да го правите за жал не даде никаков резултат освен што фрла дамка врз најголемиот светски конзорциум кој што не само што има изградено во регионот најголеми патишта, туку и пошироко од регионот, рече Ковачевски.

Според премиерот, доизградбата на коридорите е стратешки проект од национален интерес, што ќе овозможи модерно поврзување и со пристаништата во Драч и во Бургас, со него ќе има огромни придобивки за македонската економија, ќе се отворат 8.000 работни места, а планираната инвестиција од 1.3 милијарди евра ќе повлече номинален раст на БДП од најмалку 2 проценти на годишно ниво во наредните 5 години. Со законските измени и новиот систем на градба, како што пососчи, ќе се избегнат случаи на нефункционалност, која се случуваше со изградбата на автопатот Кичево – Охрид. 

Владата на 5 мај усвои предлог измени и дополнувања на пет закони поврзани со изградбата на коридорите и ги означи со европско знаменце, откако претходно опозициските пратеници ги блокираа законските измени што до Собранието ги предложи група пратеници од власта.

Најмногу реакции во дебатата во Комисијата за европски прашања, како и на пленарната седница,  предизвикаа измените на Законот за работни односи. Со нив се донесе одредба со којашто ќе се овозможи прекувремена работа подолго од осум часа неделно и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога станува збор за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот.

Треба да знаете
Последни објави