Претседателот на Српската напредна партија, српскиот претседател Александар Вучиќ го предложи Милош Вучевиќ за нов лидер на таа партија.
Вучиќ на Собранието на СНС што се одржува во Крагуевац изјави дека и формално ќе го предложи Вучевиќ за претседател на партијата.
„Предлагам да го избереме Милош Вучевиќ за претседател на СНС, а тој, се разбира, ќе се консултира со сите нас за идното раководство и претседателството“, рече Вучиќ обраќајќи им се на присутните делегати, пренесе „Н1“.
„Што да кажам за нашиот Милош, знаете дека е со нас од почеток. Знам колку го сака СНС, го познавав и татко му кој беше еден од најпочитувани адвокати. Знам од колку добро семејство е, знам колку е лојален на СНС, но и на идејата за независна и просперитетна Србија, јас сум сигурен дека со мојата и ваша поддршка ќе може да заврши одлична работа, да работи уште понапорно и уште посилно“, рече Вучиќ образложувајќи го својот предлог.
Вучиќ изјави и дека премногу ја сака СНС и дека никогаш нема да ја напушти партијата додека е жив.
„Што и да правите јас секогаш ќе бидам со вас и покрај вас. Само мислам дека е потребен малку поинаков пристап за обединување на поголем број сили на оние кои сакаат да се борат за победа на патриотска, успешна Србија, која ќе се грижи за своите граѓани“, рече тој.
Нагласи и дека е горд што „сите овие години ја водеше најдобрата партија во државата“.