На матурантката од Охрид ќе и биде дозволено да ги полага двата интерни испита во училиштето во јунската испитна сесија, а тоа што останува во августовската испитна сесија, велат од средното училиште Свети Климент Охридски од Охрид.
На ученичката Тијана Силјаноска денес не и’ било дозволено да го полага првиот екстерен испит од државната матура оти нејзиното име го немало на спиокот, а за проблемот нејзиниот татко информираше преку медиумите.
Од училиштето изразија жалење за проблемот и како што кажаа нивна заложба е да излезат во интерес на матурантката и родителите.
Додадоа дека списоците за верификација на податоците за државна матура биле доставени на увид кај учениците уште на почетокот на второто полугодие, а потоа доставени до ДИЦ.
И покрај напорите на училиштето да се реши ситуацијата, велат од гимназијата, сепак не се наиде на разбирање од страна на надлежните институции.
Согласно Концепцијата за матура и за завршен испит во средното образование, учениците полагаат 2 екстерни и 2 интерни предмети и подготвуваат проектна задача.