Јапонскиот премиер Фумио Кишида денеска изјави дека е подготвен да се сретне со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун за да се обиде да го реши прашањето за киднапирањата на јапонски граѓани во 1960-тите и 1970-тите.
„Решен сум да се сретнам лице в лице со Ким Џонг-ун без никакви предуслови“, рече Кишида на состанокот посветен на ова прашање во Токио.
Во 2002 година, Пјонгјанг призна дека неколку децении претходно киднапирал 13 јапонски граѓани. Петмина киднапирани и нивните семејства подоцна се вратиле во Јапонија, тврдејќи дека другите починале.
Сепак, Токио верува дека 17 јапонски државјани биле киднапирани и продолжува да ја истражува судбината на оние кои не се вратиле, јавуваат јапонските медиуми.