Во експлозија која беше предизвикана од напад на два дрона во руската област Псков во близина на границата со Белорусија, оштетена е административната зграда на нафтоводот, изјави денеска локалниот гувернер Михаил Ведерников.
Ведерников на „Телеграм“ напиша дека нема жртви во нападот.
Конечните заклучоци за нападот ќе бидат достапни откако истражната група ќе ги достави резултатите од истрагата, рече Ведерников, пренесе „ТАСС“.
Ведерников не ја обвини Украина за нападот, но Москва претходно го обвини Киев за слични инциденти, објави „Ројтерс“.
Инцидентот се случил во близина на селото Литвиново, на помалку од 10 километри од руската граница со Белорусија.
Украина јавно не призна дека извршила напади врз цели во Русија, но високи функционери во Киев повремено ги поздравуваат вестите за успешни напади со беспилотни летала на руска територија.
Од Украина денеска немаше коментари.