Во Белград, иако времето не им е наклонето, по четврти пат се собраа илјадници граѓани на протест под мотото „Србија против насилство“, откако на почетокот на месецов се случија две масовни убиства. Во основното училиште „Владислав Рибникар“, 13-годишен ученик застрела девет деца и чуварот, а повредени се седум деца, додека во масакрот во Младеновац, загинаа осум, а ранети беа 14 лица.
Овојпат, протестот нема да се одржи на мостот Газела, туку планот на организаторите е да се направи обрач околу националната српска телевизија РТС, каде од јавниот сервис ќе побараат на вистински начин, непристрасно и одговорно да известува за проблемите на општество, масовните убиства, протестите и барањата на протестите, како и за начинот на кој можат да ја надминат оваа трагедија. Протестот ќе трае до 22 часот.
Во соопштението, организаторите ги повикаа граѓантие да донесат цвеќе и да го остават пред Собранието „за да покажат почит кон жртвите на масовните убиства и сочувство за семејствата и пријателите на починатите“.
Барањата на организаторите на протестот се:
-одземање на национални фреквенции од телевизии кои им служат на граѓаните, трујат и промовираат насилство, како што се Пинк и Хепи ТВ;
-смена на сите членови на Советот на РЕМ, чиешто непостапување овозможило непречено ширење на омраза и насилство;
-затворање на печатени медиуми и таблоиди кои објавуваат лажни вести, невистини и континуирано го кршат новинарскиот кодекс;
-замена на раководството на РТС;
-итно да се прекинат програмите што промовираат насилство, неморал и агресија на телевизија со национална фреквенција, како што се реалните шоуа;
Во Белград и вчера се протестираше. На собир беа граѓани кои ги повика владејачката Српска напредна партија (СНС) на митинг под мотото „Србија на надежта“, како одговор на протестите што ги организира опозицијата.