НАТО денеска ги повика институциите во Приштина веднаш да ја деескалираат ситуацијата на северот на Косовo, еден ден откако косовската полиција со солзавец, шок и димни бомби, упадна во зградите на три општини со српско мнозинство и внесе во нив градоначалници Албанци.
„Ги повикуваме институциите во Косово веднаш да ја деескалираат ситуацијата и ги повикуваме сите страни да ја решат состојбата преку дијалог“. напиша на Твитер портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску.
Таа додаде дека КФОР – мисијата на НАТО на Косово – останува будна и ќе обезбеди безбедна средина.
Косовската полиција во петокот насилно упадна во општинските згради во Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ, употребувајќи солзавец, чад и шок бомби против Србите кои се обидоа да ги спречат да влезат во општинските простории. Неколку Срби беа повредени, а косовската полиција влезе во општинските згради и во нив внесе градоначалници Албанци.
Градоначалниците на четири општини на северот на Република Косово – Северна Митровица, Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ – беа избрани на изборите што беа бојкотирани од Србите, откако тие ги напуштија институциите на Приштина во ноември минатата година поради, како што посочија, прекршување на Бриселскиот договор од Приштина, упадот на специјалните единици на косовската полиција на северот на покраината и постојаните незаконски апсења на Срби.