Батлер со закана: Да играв подобро немаше да бидеме во ваква ситуација, но одиме во Бостон да победиме

Кошаркарите на Бостон селтикс се на чекор до историјата како прв тим кој победил во серија во која ги загубил првите три меча, но дали тоа ќе се случи се прашува и тимот на Мајами хит, во чиј табор се уште владее самоувереност и покрај шокантниот пораз ноќеска со примен кош на десетинка до крајот.

Најдобриот во таборот на „жешките“ Џими Батлер веднаш по овој натпревар испрати закана со „селтикси“ дека пак ќе ги победи на нивни терен, каков што беше случајот на првите две средби од серијата.

-Изгубивме вечерва, па неважно е дали сме играле добро или лошо. Пред нас е седмиот натпревар во кој ќе влезем како тим. Да играв подобро немаше да бидеме во ваква ситуација, искрен сум, но ветувам дека ќе бидам подобар во „мајсторката“. Ќе сториме се што треба и не ме интересира што може да се случи. Нема да дозволам никому да се откаже. Нема да дозволам нашите момци да се откажат. Не ми е гајле што се случува. Ќе одиме таму и ќе победиме. Одиме во Бостон да победиме и ќе победиме, изјави Батлер.

Шестиот финален натпревар од Источната конференција(104-103) во чуден финиш со кош на десетинка до крајот, веднаш предизвика голема контроверза и напад врз судиите, кои се обвинети дека им помогнале на „Селтикси“ да триумфираат со неправедно додавање на време на семафорот.

Последните напади на двата тима долго време ќе бидат причина за дебати и за толкување на судиските одлуки. Прво Џими Батлер при негатива на „жешките“ со 100-102 умешно се фрли врз Ал Хорфорд и изнуди прекршок, кој првично беше оценет за две слободни фрлања, но потоа по „челинџ“ на гостинскиот тим не само што беше потврден туку и оценет како шут за три поени. Најдобриот кошаркар на Мајами ги погоди сите три слободни фрлања (103-102), но проблем е што судиите неочекувано додадоа девет десетинки на преостанатото време за напад на Бостон, со оглед што часовникот беше сопрен на 2,1 при фаулот, а „келтите“ нападот го почнаа со три секунди на располагање.

Решавачката средба за тоа кој ќе му биде противник на Денвер нагетс во големото НБА-финале ќе се одигра во ноќта помеѓу понеделник и вторник (2.30 часот) по македонско време.

Треба да знаете
Последни објави