Со Охридскиот рамковен договор, нашата држава е постабилна и побезбедна, со загарантирана меѓуетничка толеранција и посилна социјална кохезија истакна денска заменик министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски на денешната панел дискусија „Важноста и улогата на Охридскиот рамковен договор на патот кон ЕУ и спроведувањето во однос на помалку бројните заедници“.
„Со потпишувањето на договорот во Охрид се поставија и темелите за уставни и законодавни измени со кои се гарантираат правата на помалубројните етнички заедници во државата. Воведена е нова темелна вредност во уставниот поредок на државата односно соодветна и правична застапеност на граѓаните од другите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа. Во рамките на надлежноста на Министерството за информатичко општество и администрација можам да констатирам дека нормативниот дел на Охридскиот рамковен договор се спроведува и спроведувањето на законските одредби е континуиран секојдневен процес кој што се одвива непречено. Имено, вработувањата во институциите на јавниот сектор се спроведуваат согласно Годишен план за вработување, кои се подготвуваат согласно Законот за вработените во јавниот сектор и Методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор согласно со начелото за соодветна и правична застапеност, како и формата, содржината и образецот на годишниот план за вработување и извештајот за реализација на годишниот план за вработување. Согласно Методологијата распределбата на новите вработувања во годината на која се однесува планот треба да ги одрази сите можни комбинации на распределби од едно ново вработување па се до планираниот број на нови вработувања, кој се утврдува како максимален при внесување на податоците во онлајн калкулаторот односно балансерот“ посочи Бајдевски.
Заменик министерот Бајдевски истакна дела рамковниот договор донел мир, поправична застапеност на помалубројните етнички заедници во општествениот живот, но и поради неговата имплементација државата станала земја членка на НАТО и ги започна преговорите со ЕУ.
„Во изминатите 22 години, меѓу другото и преку имплементација на Рамковниот договор, станавме членка на НАТО, а, добивме статус на кандидат и ги отворивме преговорите со Европската Унија. Во тој процес изградивме модел на функционална мултиетничка демократија која ги зачува мирот и стабилноста и постави највисоки стандарди за правата на заедниците. Искуството ни покажа дека кога соживотот и меѓуетничката толеранција беа ставени на најголемиот тест, покажавме дека ние проблемите ги решаваме низ институционалниот систем. Покажавме дека сакаме да живееме сложно и обединетo, да напредуваме сите заедно. Притоа верувам дека само политички решенија и дијалог можат да гарантираат стабилна и демократска иднина како што се случи во нашата држава. Сето тоа беше постигнато благодарејќи на блиското партнерство со нашите поддржувачи, партнери и пријатели претставниците на Европската Унија, Соединетите Американски Држави, НАТО и ОБСЕ“ заклучи Бајдевски.