Бостон Селтикс се изборија за „мајсторката“ во финалето на Источната конференција совладувајќи ги синоќа Мајами Хит со 104:103 во шестиот натпревар на гостински терен, а Дерик Вајт го постигна победничкиот кош на звукот на сирената.
Откако Џими Батлер изведе три слободни фрлања на три секунди до крајот за водство на Мајами, Маркус Смарт од Бостон имаше свој обид за три поени, но промаши. Вајт ја фати одбиената топка и постигна кош за драматична победа на Селтикси.
Вториот носител Бостон ги победи последните три натпревари и стана само четвртиот тим во историјата на НБА кој се изборил за седмиот натпревар откако ги загубил првите три натпревари од плејоф серијата.
Седмиот натпревар ќе се игра во понеделник навечер во Бостон.
За Селтикси Џејсон Тејтум запиша 31 поен, 12 скока и пет асистенции, Џејлен Браун 26 поени и 10 скока. Смарт постигна 21 поен, Вајт 11, а Роберт Вилијамс Трети 10.
Кај поразените Џими Батлер го заврши натпреварот со 24 поени, 11 скока и осум асистенции. Кејлеб Мартин додаде 21 поен и 15 скока.
Бостон ја доби првата четвртина со 34-27, на полувремето водеше со 57-53, а по три четвртини имаше 79-72. На нешто помалку од пет минути до крајот на натпреварот Селтикси водеа со десет разлика (98-88), но потоа Мајами се доближува по кошот на Винсент и тројката на Батлер и заостанува четири коша (96 -100) со уште нешто повеќе од две минути. Батлер постигнува леј-ап на 53 секунди до крајот, а потоа и слободно фрлање и Мајами прави 100-101.
Смарт погоди едно од двете слободни фрлања на 16,9 секунди до крајот за водство на Бостон од два поени (102-100). Тогаш Батлер ја бараше топката за последниот удар, а Ал Хорфорд го фаулираше на три секунди до крајот. Батлер шутираше зад линијата за 3 поени и ги погоди сите три слободни фрлања за водство од 103-102. Смарт потоа упати удар за тројка и промаши, а Вајт ја фати одбената топка и постигна кош за трета последователна победа на Бостон.
Вајт беше „икс-фактор“ во сите 48 минути, одигра одлична одбрана на Батлер (ограничувајќи го на шут 5/21 од поле), а исто така погоди две тројки во последната четвртина, што станува уште поважно ако се земе предвид дека Бостон упати само седум удари од зад линијата 7,24 во целиот меч. Домашните одлично шутираа тројки (14/30, 46 отсто), но ги чинеше катастрофалниот шут за два поени (19/63, 30 отсто).
Во долгата историја на НБА плејофот, 150 пати се случило една екипа да заостанува со 0:3 во серија и ниту еднаш да не се случи голем пресврт, а сега Бостон да има можност да го направи тоа.