Шредер поради врските со Русија е непожелен на конгресот од сопствената партија

Германската Социјалдемократската партија (СПД) го прогласи поранешниот канцелар и шеф на партијата, Герхард Шредер, за персона нон грата на претстојниот партиски конгрес иако неодамнешните обиди да го исфрли од партијата на крајот не успеаја, пренесува ДПА.

Иако поранешните шефови на СПД традиционално се поканети да се обратат на партиските конгреси, Шредер, кој во минатото често зборуваше на нив, сега е непожелен на претстојниот конгрес во декември.

„Повеќе не можам во Герхард Шредер да го препознам поранешниот канцелар и поранешен партиски лидер. Го гледам како бизнисмен што ги следи своите деловни интереси“, изјави шефот на СПД, Саскија Ескен, за ДПА.

Шредер не беше поканет и на одбележувањето 160-годишнината на СПД минатата недела поради неговите врски со Русија.

„Сè додека тој е близок со подбуцнувачот на војна и агресор во ситуацијата, ние немаме за што да разговараме“, рече генералниот секретар на СПД, Кевин Кинерт, коментирајќи го неканењето на Шредер.

Шредер беше германски канцелар од 1998 до 2005 година и беше лидер на партијата од 1999 до 2004 година. Оттогаш соработува со руските енергетски компании и се смета за личен пријател на рускиот претседател Владимир Путин.

Неговите врски со Русија и неговата неподготвеност да се дистанцира од Путин предизвикаа голема вознемиреност во неговата партија откако Русија ја почна својата агресивна војна во Украина во февруари 2022 година.

Шредер и неодамна ја покажа својата блискост со Русија. На почетокот на мај тој и неговата сопруга присуствуваа на приемот во руската амбасада по повод годишнината од победата над нацистичка Германија, што предизвика многу политички реакции кај опозицијата и во неговата партија.

Сепак, обидите за негово исклучување од партијата на крајот пропаднаа, а највисокото тело на СПД – Федералната арбитражна комисија – на почетокот на овој месец донесе конечна одлука дека Шредер не може да биде исклучен од партијата.

Треба да знаете
Последни објави