Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Кралството Тајланд, Апират Сугондхабиром

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Апират Сугондхабиром, новоименуван амбасадор на Кралството Тајланд во Република Северна Македонија, со седиште во Анкара.

На церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателот Пендаровски, посакувајќи му добредојде во нашата држава на амбасадорот Сугондхабиром, нагласи дека и покрај географската оддалеченост Република Северна Македонија е подготвена за натамошно унапредување на односите и соработката со Кралството Тајланд, во сите области од заемен интерес.

„Длабоко сум уверен дека пред нашите две земји, со богато културно и историско наследство, постои огромен неискористен потенцијал за сеопфатна и плодна соработка, особено на економски план, а исто така и во сферата на туризмот, културата, образованието, но и во други сфери”, рече претседателот Пендаровски и изрази уверување дека ќе продолжат сите неопходни активности и иницијативи за унапредување на билатералниот политички дијалог.

Новоименуваниот тајландски амбасадор Апират Сугондхабиром во своето обраќање рече дека Кралството Тајланд и Република Северна Македонија уживаат срдечни односи уште од воспоставувањето на дипломатските односи во 2005 година и ја изрази својата волја за дополнително јакнење на врските меѓу владиниот, парламентарниот и бизнис секторот.

„Мојата земја ми ја довери должноста да ги испитам начините и средствата за промовирање на двонасочната трговија и инвестиции, како и да ги охрабрам приватните сектори од двете страни да ги зајакнат меѓусебните деловни контакти и да ги промовираат севкупните можности за градење на подобри партнерства, што би довело до раст на потенцијалот на трговско-економските врски меѓу нашите две земји”, рече амбасадорот Сугондхабиром.

Претседателот Пендаровски на амбасадорот Сугондхабиром му посака успешно извршување на функцијата.

Треба да знаете
Последни објави