Минатата недела во основното училиште „Љубен Лапе“ официјално беа пуштени во употреба две нови модерни спортски игралишта наменети за дечињата од ова основно училиште. Со ова Општина Аеродром доби нови спортски терени, кои веќе се почетна точка за многу спортски таленти што се градат во Аеродром, велат од Општината.
Градоначалникот Муцунски, кој се обрати на настанот, потенцира дека станува збор за едно од најголемите основни училишта во Аеродром и во Скопје, каде уште Општината ја потврдува заложбата за подобрување на воспитно-образовниот процес, учење на младите на здрави навики и создавање здрава иднина за новите генерации.
„Една од нашите цели кога градиме нови спортски терени и инвестираме во спортот е да ги натераме младите повеќе да спортуваат, а овие спортски терени да бидат местото каде што ова и секое наредно лето ќе се слуша џагорот од детската игра и ќе блика среќа“, нагласи Муцунски во своето обраќање.
Општина Аеродром останува посветена на создавање подобри услови за спорт и рекреација на најмладите. Континуираните инвестиции во нови спортски игралишта се директна инвестиција со која се создаваат услови поздрава и поактивна младина, додаваат од Општината.