Коалицијата ДПМНЕ – СДСМ работи против интересите на граѓаните во Советот на Град Скопје, реагира Град Скопје по седницата на која настана расправија бидејќи претседателот на Советот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ денес четврти пат одби да ја стави на дневен ред за гласање предлог-точката за набавка на нови екоавтобуси.
„Само поради антинародната коалиција ДПМНЕ – СДСМ во Советот на Градот Скопје, скопјани нема да добијат 50 нови, модерни и еколошки автобуси. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се обединети кога станува збор за паушалите од 500 евра, кои ги земаат советниците, обединети во однос на паушалите што ги земаат нивните кадри во надзорните и управните одбори, обединети кога се работи за партиските вработувања, но се нема слух кога станува збор за интересите на граѓаните. Славевски и другите советници од ВМРО-ДПМНЕ се шетаа од врата на врата промовирајќи ја програмата ‘За модерно Скопје’ на градоначалничката Данела Арсовска, а сега кога станаа дел од Советот, работат спротивно на интересите на граѓаните и прават сè за програмата што ја доби довербата на граѓаните да не се исполни“, се вели во реакцијата на Град Скопје.
Од тука додаваат дека Градот ниту е пред банкрот ниту ќе банкротира и прави сè што е технички возможно да ги врати долговите што ги наследи од претходните градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, кои, како што се наведува, работеле недомаќински и ги задолжиле скопјани за милионски суми.
Арсовска претходно денес им кажа на советниците дека не си ги заслужуваат паушалите. Таа излезе на говорница откога советниците одбија долгорочно задолжување на Градот за нови екоавтобуси да биде додадено како точка на дневниот ред, но прифатија да се додаде точка за субвенции за клима-уреди и субвенции за замена на азбестните покриви за социјално загрозените граѓани.
„Секој месец по 500 евра од човек плаќа секој граѓанин за вас тука за да дојдете да седите и да попувате, да продавате политика и да не ги поддржувате сите оние работи што ним им се неопходни“, рече Арсовска.
На денешната седница Советот ќе разгледа информација за финансиската состојба на Градот и јавните претпријатија, а ќе има и информација за состојбата со изгорениот мост „Беласица“.